На прес-конференција, Манасиевски, рече дека Абази го затворил предметот за да ги заштити поранешните функционери, откако претходно предметот со години стоел нерешен кај Вилма Русковска и Елизабета Јосифовска од поранешното СЈО

Ислам Абази го спаси Филипче. Вака денеска портпаролот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, го искритикува шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, по одлуката на Обвинителството да го затвори предметот за набавката и изградбата на 19-те модуларни болници за време на ковид-кризата.
На прес-конференција од пред зградата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Манасиевски, рече дека Абази го затворил предметот за да ги заштити поранешните функционери, откако претходно предметот со години стоел нерешен кај Вилма Русковска и Елизабета Јосифовска од поранешното СЈО.
Манасиевски потсети дека предметот бил отворен на 10 септември 2021 година, по трагичниот пожар во модуларната болница во Тетово во кој животот го загубија 14 лица.
„Од 10 септември 2021 година, од кога е оформен предметот, до ден денешен, 20 август 2026 година, точно пет години подоцна, ОЈО ГОКК предводенo од Абази, вели дека не постои основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувања при јавните набавки“,
кажа Манасиевски.
Според ВМРО-ДПМНЕ, тогашното раководство на Министерството за здравство предводено од Венко Филипче и тогашната Влада сноси директна одговорност за пропустите.
„Филипче и Зоран Заев наместо да ги подобрат стандардите на болниците, тогашното Министерството за транспорт и врски, по предлог на владата, го менува Законот за градење по итна постапка, со цел овој тип на објекти да ги преместат во урбана опрема за чие поставување и одобрение ќе издава МЗ или тогашниот министер, Венко Филипче. Што значи, Филипче е директно одговорен за поставување на модуларните болници, и секако за се што се случило по тоа“,
рече Манасиевски.
Тој додаде и дека тогашниот министер за здравство Филипче е директно одговорен бидејќи не потпишал минимум технички спецификации, ниту пак направил елаборат за електрична енергија, а објектот во Тетово рече дека бил поставен над резервоар на бензинска станица.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека предметот бил префрлан од еден кај друг обвинител и на крајот да се донесе одлука дека не постои основано сомнение за сторен криминал.
„Овој предмет го водела прво Вилма Русковска, за потоа да оди во фиоките на обвинителката од СЈО, Елизабета Јосифовска и таму да фаќа прашина по фиоки, за на крај да оди кај трета обвинителка, која вели дека не постои основано сомнение за сторен криминал“,
додаде тој.
Според Манасиевски, Венко Филипче однапред ја знаел одлуката за затворање на предметот и затоа денеска не дал коментар.
„На само некој месец, од заминувањето од функцијата шеф на ОЈО ГОКК, аргатот Ислам Абази си ја одработува својата задача, и ги заштитува своите шефови“,
кажа Манасиевски.
Од партијата порачаа дека иако истрагата во моментов е затворена, тоа не значи дека постапката нема повторно да се отвори доколку во иднина се појават нови докази за случајот.
Денеска од ОЈО ГОКК информираа дека е затворен предметот за јавни набавки за градењето на 19 модуларни болници во државата.
Предметот беше отворен на 10 септември 2021 г. по допрен глас, откако се случи трагичниот настан во ковид-центарот во Тетово. Тогаш Обвинителството посочи дека ќе ја провери документацијата за набавката и изградбата на сите болници.
Обвинителката Верица Бержецка на брифинг со новинарите денеска кажа дека не постои основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувања при јавните набавки.
Анализирана е обемна и сложена документација, а предметот, кој првично бил кај обвинителката Вилма Русковска, преку Елизабета Јосифовска финишира кај Бержецка.
