„Обвинителството не утврди факти од кои би произлегло дека во постапките за набавка службено лице ја искористило или пречекорило службената положба или овластување, односно не ја извршило службената должност, со цел да прибави значителна имотна корист или да нанесе значителна штета“, велат од Обвинителството
Светска банка потврдила дека постапката била во согласност со нејзините правила и дека испорачаната стока одговарала на техничките спецификации

По безмалку пет години проверки, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска на брифинг со новинарите соопшти дека го затвора предметот за набавката и изградбата на 19-те монтажни болници поставени за време на ковид-кризата, без да гони некое физичко или правно лице.
Станува збор за набавки во мандат на владата на Зоран Заев, кога на чело на Министерството за здравство беше Венко Филипче. Модуларните болници ги градеше „Брако“ на Кочо Анѓушев.
Обвинителството оценило дека не постојат основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик, ниту за друго кривично дело кое се гони по службена должност, во врска со јавните набавки за изградбата.
„Нема дејствија на пречекорување, ниту неизвршување на службени дејствија, ниту е оштетен буџетот“,
рече на денешниот брифинг предметната обвинителка Верица Бержецка.
Набавките се однесувале на монтажни контејнери кај Клиниката за инфективни болести во Скопје, немедицинска опрема за Регионалниот ковид-центар, формирање монтажно-модуларен амбулантско-поликлинички оддел за потребите на Клиниката за пулмологија и алергологија, како и модуларни болници во други градови ширум државата.
Модуларните болници биле набавени преку Проектот за итно справување со ковид-19, со заем од Светска банка. Постапката била спроведена како меѓународна конкурентна набавка, согласно правилата и процедурите на Светска банка, а Бирото за јавни набавки потврдило дека во ваков случај не се применуваат одредбите од Законот за јавните набавки.
Дополнително, со измените на Законот за градење од 24 ноември 2020 година, модуларните градби наменети за вршење здравствена дејност биле опфатени во категоријата градби за кои не е потребно одобрение за градење.
ОЈО ГОКК посочува дека е анализирана и документацијата за активностите на Светска банка по пожарот во тетовската модуларна болница на 8 септември 2021 година,
„Во октомври 2021 година биле посетени објектите во Гостивар, Струга, Прилеп, Велес и Штип, при што била проверувана усогласеноста со проектните стандарди, безбедноста и противпожарната заштита. Според документацијата, тимот на Светска банка потврдил дека постапката за набавка била во согласност со важечките правила на Банката и дека испорачаната стока одговарала на техничките спецификации“,
велат оттаму.
Оттука, Обвинителството оценило дека нема елементи за да постапува.
„Обвинителството не утврди факти од кои би произлегло дека во постапките за набавка службено лице ја искористило или пречекорило службената положба или овластување, односно не ја извршило службената должност, со цел да прибави значителна имотна корист или да нанесе значителна штета. Согласно важечката законска рамка, утврдените факти не ги исполнуваат законските обележја на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување. Оттука, надлежниот јавен обвинител оцени дека нема основи на сомнение дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност, поради што нема место за натамошно јавнообвинителско постапување по предметот“,
наведуваат од ОЈО ГОКК.
За предметот
Предметот за проверка на набавките и изградбата на модуларните болници беше отворен на 10 септември 2021 г. по допрен глас, откако се случи трагичниот настан во ковид-центарот во Тетово. Тогаш Обвинителството посочи дека ќе ја провери документацијата за набавката и изградбата на сите вакви болници.
Актуелниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, вели дека е анализирана обемна и сложена документација.
Предметот го отвори обвинителката Вилма Русковска, а преку Елизабета Јосифовска финишира кај Верица Бержецка.
Тие постапувале по прибрана документација од Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии – Биро за јавни набавки, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Владата, ОЈО Тетово и други институции. Анализирани биле постапките за јавни набавки, техничките спецификации, договорите, проектната документација и релевантната законска регулатива.
На денешниот брифинг шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кажа дека без разлика на донесената одлука, доколку Обвинителството дојде до нови докази и сознанија, предметот може повторно да се отвори.
На денешниот брифинг беше потенцирано дека ова се однесува само на набавките за изградбата на модуларните болници, додека за трагедијата во Тетово предметот го водеше ОЈО Тетово.
Инаку, пожарот во модуларната болница во Тетово се случи на 8 септември 2021 кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени.
