За да се прехрани едно четиричлено семејство во август им биле потребни 25 032 денари

За да ги обезбеди основните потреби, на едно четиричлено семејство овој месец му биле потребни 68 675 денари. Тоа, како што објави Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), е зголемување на минималната синдикална кошничка за 177 денари во споредба со претходниот месец.
Најголем дел од семејниот буџет се троши за храна и пијалоци. За ова за семејствата им биле потребни 25 032 денари.
За облека и обувки 6 511 денари, за станарина, вода, електрична енергија и греење 6 379 денари, за лична хигиена и одржување на хигиена во домот 2 692 денари, за здравје 1 196 денари и за транспорт 5 175 денари.

За комуникација на едно четиричлено семејство во август му биле неопходни 3 677 денари од вкупниот износ на минималната кошничка, за рекреација и култура 5 592 денари, за образование 7 192 денари, за ресторани и хотели 4 131 денари, а за останати стоки и услуги 1 100 денари.
Пресметките на ССМ покажуваат дека на оние семејства што живеат во стан под кирија од 60 квадрати потребни им се дополнителни 15 375 денари и за нив кошничката изнесува 84 050 денари.
Во однос на истиот месец лани, синдикалната минимална кошничка овој август е повисока за 3 168 денари. Лани само за храна граѓаните потрошиле 968 денари помалку во однос на овој месец.
