Оттаму додаваат дека кандидатите, за кои велат дека Заев му ги издиктирал на Филипче, се кадри кои ќе загубат на изборите, кои се обременети со скандали и се приказ на хаосот во СДСМ

Нема ниту еден кредибилен предлог за градоначалник и ниту еден кадар кој претставува додадена вредност, велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако денеска Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) објави 19 имиња кои ќе се борат за градоначалничките места на локалните избори во октомври.
Според ВМРО-ДПМНЕ, кандидатите што денеска ги објави партискиот лидер Венко Филипче, не се од партиската база на СДСМ, туку „тоа се кандидати на Заев издиктирани на Филипче“.
„Ова се кадри на другарите на Заев со кои убедливо ќе загуби и на овие локални избори. Луѓе од истата матрица која тепа жени како советникот на Филипче во Кочани, која измислува без докази и клевети, креира хаос и тоне во безидејност“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ испратено вечерва.
Оттаму додаваат дека кандидатите, за кои велат дека Заев му ги издиктирал на Филипче, се кадри кои ќе загубат на изборите, кои се обременети со скандали и се приказ на хаосот во СДСМ.
Од СДСМ денеска објавија 19 кандидати кои ја добиле согласноста од Извршниот одбор на својата партија да се борат за мандат на локалните избори во октомври.
На листата што ја објави Филипче има петмина актуелни градоначалниви и тоа на Центар, Чучер Сандево, Крива Паланка, Росоман и Крушево, а другите 14 кандидати се нови имиња и дел се претседатели на општинските организации на партијата.