Ваквиот став на опозициската партија доаѓа откако денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не даде конкретен одговор дали МВР ќе му дозволи на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски да ја помине границата со Северна Македонија на 4 февруари по повод одбележувањето на денот на раѓањето на Гоце Делчев
Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, денеска во изјава за медиумите ги обвини министрите за внатрешни и надворешни работи, Оливер Спасовски и Бујар Османи оти не преземаат конкретни мерки во насока на обезбедување на безбедноста на претстојното одбележување на денот на раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, на кое сè уште е неизвесно дали ќе присуствува бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.
„Скандалозните изјави на Спасовски и Османи се доказ дека Владата флертува со тие кои шират омраза и негаторски ставови кон Македонија. Треба да се свесни дека со вакви изјави и со непреземање на навремени мерки само овозможуваат ескалирање на состојбите и ризикуваат вжештување на односите помеѓу двете држави“,
изјави Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Ваквиот став на опозициската партија доаѓа откако денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не даде конкретен одговор дали МВР ќе му дозволи на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски да ја помине границата со Северна Македонија на 4 февруари по повод одбележувањето на денот на раѓањето на Гоце Делчев.
Во кус одговор на новинарско прашање Спасовски рече дека тоа ќе се одлучи на 4 февруари.
Со ваквиот однос, додаваат од опозицијата, власта само ги оправдува нејзините неразумни чекори и барања, а тоа, како што велат, го прави од причини кои ѝ се познати само неа.
„Секогаш кога власта попушта пред вакви работи имаат некој криминал кој сакаат да го сокријат и затоа се ранливи. Недржавничкиот однос кој власта го покажува на дело кон сопствениот народ е најголемиот пораз кои може да и се случи на Македонија“,
велат оттаму.
Владата на вчерашната седница донесе заклучоци во врска со одбележувањето на денот на раѓањето на Гоце Делчев, 4 февруари, со кои го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите мерки за обезбедување на настанот, согласно препораките од Советот за безбедност што се одржа во понеделникот.
По седницата на Советот на безбедност, пак, претседателот Стево Пендаровски соопшти дека, според сите проценки и анализи на надлежните безбедносни служби, одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари ќе биде настан од висок безбедносен ризик. На овој ден, како што истакна, организирани структури во Бугарија се мобилизирани да поддржат организирано доаѓање во Скопје на повеќе лица, кои спроведуваат антидржавни кампањи кон С Македонија.
Во оваа насока претседателот изјави дека ќе ѝ предложи на Владата да им забрани влез во државава на еден пратеник од Бугарија во Европскиот парламент и на неколку други лица – државјани на Бугарија поради дејствија што претходно ги преземале и сè уште ги преземаат против нашата држава.
Сепак, од заклучоците од вчерашната седница на Владата во врска со одбележувањето на 4 февруари, никаде во соопштението не се спомена конкретно забрана за влез на европратеник и други бугарски државјани што ги наведе претседателот на државата.