Од партијата ја повикаа Антикорупциската комисија да поднесе и кривична пријава до Јавното обвинителство за Владата и за премиерот Димитар Ковачевски, за кои, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, тврдат дека не ги информирале за извршените именувања на функционери, иако за тоа комуницирале со скоро сите генерални секретари што поминаа на таа позиција
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе претставка до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) со цел постапување во однос на аферата „Тајни имоти“, според која, партијата обвини дека 123 функционери блиски до власта криеле имот вреден 30 милиони евра.
„Очекуваме ДКСК да поднесе пријави до сите именувани функционери кои не го дале својот имот на увид. ДКСК да не влегува во криминал и со антидатирани документи да ги правда функционерите кои не поднеле анкетни листови со месеци и години откако се на функција. Од изнесените информации видовме дека се работи за функционери од кои голем дел поседуваат фирми, луксузни автомобили, станови и куќи. Имотот што го поседуваат, а не го пријавиле е голем“,
изјави пратеникот од опозициската партија, Бране Петрушевски.

Од партијата ја повикаа Антикорупциската комисија да поднесе и кривична пријава до Јавното обвинителство за Владата и за премиерот Димитар Ковачевски, за кои, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, тврдат дека не ги информирале за извршените именувања на функционери, иако за тоа комуницирале со скоро сите генерални секретари што поминаа на таа позиција.
„Доколку ДКСК не поднесе кривична пријава за Ковачевски само ќе потврдат дека и тие се дел од системот за криење на имот и дека свесно ги толерирале именуваните функционери и не постапувале согласно закон“,
додава пратеникот Петрушевски.
Петрушевски посочи дека дополнително, согласно нејзината службена должност, ДКСК од Управата за јавни приходи треба да побара отпочнување на проверка на сите функционери кои не го пријавиле својот имот, дали за него платиле данок, односно дали е стекнат со легални средства.