Пратениците Лилјана Кузмановска и Влатко Ѓорчев ги одложија на неопределено време за денеска закажаните седници на комисиите за финансирање и буџет и за труд и социјална политика
Сите седници на собраниските комисии што беа закажани за денешниот ден се откажани, така што на само два-три дена пред распуштањето собраниската агенда моментно е речиси празна. Станува збор за комисии со кои раководат кадри на ВМРО-ДПМНЕ, а чии седници беа откажани претпладнево, иако Извршниот комитет на опозициската партија синоќа не донел одлука за излегување од законодавниот дом.
За денеска беа закажани две седници на Комисијата за финансирање и буџет со која претседава пратеничката Лилјана Кузмановска. Исто така, нејзиниот сопартиец Владимир Ѓорчев, ненадејно, ја откажа седницата на Комисијата за труд и социјална политика. Седницата на ова тело, како што велат пратеници од мнозинството, е откажана на неопределено време.

Ѓорчев во изјава за „360 степени“ вели дека ја откажал седницата на Комисијата за труд и социјална политика затоа што денеска нема никакви активности во парламентот.
„Чекаме да видиме што ќе биде со распуштањето на парламентот, односно дали ќе си останат на зборот дека тоа ќе се реализира до крајот на оваа седмица“,
вели Ѓорчев.
Од почетокот на годинава во парламентот стигнале триста закони
На прашање што ќе биде со законите што беа ставени на дневен ред на оваа седница, Ѓорчев вели дека од почетокот на годината во собраниска процедура биле пуштени над 300 закони, што, како што оценува, е нешто невидено досега. Повеќето закони, како што вели, се на пратеници, главно, од мнозинството и стихијно се пуштале во процедура без никакви проверки на нивната исправност и номотехничка усогласеност.

Пратеничката од СДСМ, Јагода Шахпаска, пак, вели дека членовите на Комисијата за труд и социјална политика не биле воопшто известени дека се откажува седницата. За тоа дознале откако стигнале во Собранието и тоа, како што посочува, од различни градови во земја.
„Јас лично патував од Берово за седницата на Комисијата за труд и социјална политика. Тука дознавме дека седницата е откажана. Побаравме известување од службите и ни кажаа дека седницата е одложена по налог на претседателот Ѓорчев и тоа не неопределено време, што значи дека не е презакажана за друг термин“,
вели Шахпаска.
Во собраниската агенда сè уште стои утрешната седница на Комисијата за надворешна политика, со која претседава Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. Оваа седница, на која треба да ги претстават своите платформи шестмина кандидати за амбасадори на земјава во странство, главно професионалци од МНР, Милошоски ја одложуваше неколкупати по ред во изминатите осум дена. Исто така, на неопределено време е одложена и седницата на ова тело на чиј дневен ред се измени во Законот за надворешни работи, предложени од двајца пратеници од мнозинството, а со кои се предвидува дека амбасадори може да бидат и лица со двојно државјанство.