На Македонија ѝ треба силна опозиција, а не како што е сега СДС, партија на која ВМРО-ДПМНЕ ѝ е виновна за сè, рече на денешната прес-конференција пратеникот Бране Петрушевски
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, шири паника и хистерија, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ откако претходно од Бихаќска посочија дека Мицкоски е покровител на платформата составена од нивни поранешни и актуелни функционери.
Оттаму обвинуваат дека на Филипче не му чини ништо во државата.
„На Филипче ВМРО-ДПМНЕ му е виновна за сè, дури и за случувањата во неговата партијата. Ако на Филипче му е единствен начин на дејствување хистеријата што ја шири, ако се определил само за критика и напад кон сè и сешто, дури и кон некогашни сопартијци, членови и носители во минатото на функции, тогаш навистина е на лош пат. ВМРО-ДПМНЕ како партија која сега ја предводи Владата може само да продолжи со грижа за граѓаните, а Филипче добронамерно го советуваме – очајот и нападите да ги остави на страна. На Македонија ѝ треба силна опозиција, а не како што е сега СДС, партија на која ВМРО-ДПМНЕ ѝ е виновна за сè“,
рече на денешната прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Претходно од СДСМ обвинија дека медиуми и новинари блиски до премиерот Христијан Мицкоски медиумски ја „спонзорираат“ платформата сочинета од актуелни и поранешни функционери на СДСМ, која тие ја нарекуваат „ЗНАМ 2.0“. Целта, велат оттаму, е да се дејствува против единствениот бастион за слободата, а според нив, тоа е СДСМ.
Од демократската платформа сочинета од актуелни и поранешни функционери на СДСМ, на брифинг во четвртокот рекоа дека тие нема да бидат нова политичка партија ниту, пак, ќе поднесуваат независни листи на парламентарните избори.
Гордан Георгиев, Андреј Петров, Славјанка Петровска, Игор Ивановски, Никола Ќуркчиев и Емилијан Станковиќ, како претставници на демократската платформа, порачаа дека кај граѓаните постои опозициско расположение, а дека целта на платформата е да почеток во разговорите за окрупнување на опозицискиот фронт, со цел победа над актуелната власт. Новата рунда на разговори им е закажана за денеска во 12:05 часот.
