На пример, полицијата ќе плаќа 55 денари за „кока-кола“ од 0,45 литри и 110 денари за лименка „ред-бул“ од 0,25 литри за исхрана на припадниците на Единицата за брзо распоредување во касарната Ѓорче Петров. Во супермаркет, „кока-кола“ чини од 37 до 43 денари, а „ред-бул“ од 59 до 95 денари. Од МВР не ни одговорија како ја објаснуваат разликата во цените во зделката вредна 17,5 милиони евра
Фирмата што ќе ги храни полициските единици во следните три години во касарните Илинден и Ѓорче Петров, како и во Центарот за обука во Идризово, е „Индустри сервис“. Истата компанија даваше услуги за исхрана во МВР и во изминатите три години. Но, кога била избрана во 2023 година, тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинувала дека станува збор за фирма блиска до Оливер Спасовски и СДСМ
Пазарувањето во маркети не е опасна новинарска задача. Но, ако треба да се снима во неколку различни ланци, речиси и да нема друг начин освен да се направи тајно.
Во сите, вкупно пет што ги посетивме, баравме исти производи. Кока-кола и фанта од 0,45 литри. Ред бул од 0,25 литри. Цевитана во прав од двесте грама. Кравјо млеко од Битолска млекара од половина литар, сокови од 100% портокал и од 100% јаболко од истиот производител. Баравме и други производи, вклучително и на интернет-страниците за пазарување.

Не купувавме низ различни маркети за да утврдиме каде е најевтино. Туку, за да ги споредиме цените во продавница, со цените по кои МВР ги купува.
Меренда
Колку плаќа Министерството за внатрешни работи за одредени производи може да се види од јавната набавка на „услуги за исхрана“.
На крајот на јули, Бирото за јавни набавки објави дека МВР склучило три засебни договори – рамковни спогодби, во вкупна вредност од 17,5 милиони евра (1 078 000 денари). Секоја од рамковните спогодби е за иста намена, исхрана, но за потребите на три различни објекти – касарната „Илинден“, каде е сместена специјалната единица „Тигар“, касарната „Ѓорче Петров“, каде е сместена Единицата за брзо распоредување и центарот за обука на МВР во Идризово, каде меѓу другото работат Средното полициско училиште и Полициската академија.

Во обемната документација детално се опишани оброците и нивните состојки, различните менија и составот на поединечни производи.
Ние за примерок избравме дел од производите за меренда во касарната Ѓорче Петров, бидејќи се наједноставни за споредба.

Така, газирани сокови во пластична амбалажа од 0,45 литри, кои ги произведува Пивара Скопје, а по составот одговараат на „Кока-кола“ и „Фанта“, МВР ги плаќа по 55 денари. Во малопродажба, истите пијалаци ги најдовме за цени меѓу 37 и 43 денари. Производот со идентичен опис како „Цевитана“ од двесте грама, на менито на МВР чини 88 денари, а во продавница се наоѓа меѓу 59 и 79 денари. Млеко од половина литар од Битолска млекара со 2,8% масленост полицијата го купува за 60,5 денари, а во продавница чини меѓу 46 и 55 денари. Сок од 100% портокал од 1 литар од битолска млекара МВР го плаќа 121 денар. Во супермаркет, тој чини од 109 до 135 денари и со тоа е единствениот производ на листата кој се продава поскапо во некои продавници во споредба со тендерот на МВР. Сокот од 100% јаболко, 1 литар, од истиот производител, државата го плаќа 99 денари, а во малопродажба е од 65 до 82 денари. „Браунис“ со вкус на вишна од Винчини полицијата го купува по 99 денари. Во единствената продавница во која го најдовме истиот производ чинеше 82 денари. Енергетскиот пијалок Ред-бул во лименка од 0,25 литри МВР ќе го плаќа по 110 денари. Во продавница го најдовме од најниски 59 до највисоки 95 денари. МВР ги плаќа значително поскапо и јаткастите производи од домашниот бренд „Нутини“, односно Чеза комерц. Не толку лешниците, колку индиските ореви, бадемите и фстаците.
Сублимирано, тешко е да се извади просек. Бројките, сепак, покажуваат дека во најголем број од случаите МВР плаќа десетици проценти поскапо од цените во продавница и тоа за релативно стандардизирани производи кои се консумираат без приготвување.
Наместо одговори…
Дали е тоа нормално или е многу? Го поставуваме ова прашање имајќи во предвид дека производите, сепак, треба да се испорачаат и послужат во менза. Тоа, неспорно, е трошок. Но, притоа, не забораваме дека и цените во маркетите вклучуваат – и трошоци и профит за трговецот, односно се повисоки од набавните цени од каде што би требало да купува фирмата избрана од МВР.
Дилемата, во форма на новинарски прашања, ја упативме до купувачот – МВР. До објавувањето на оваа сторија, што вклучува и три работни дена чекање, не добивме одговор.

Гаранција дека државата домаќински ги троши парите на граѓаните треба да биде самата постапка за јавна набавка, која освен транспарентност, треба да обезбеди и конкурентност.
Во случајот со повикот за услуги за исхрана за потребите на МВР, се јавиле три фирми – Индустри сервис ДОО Скопје, Специјал-продукт ДООЕЛ и ФФ Балкан Гроуп ДООЕЛ. Сите три дале понуди за секој од трите посебни делови – за касарната Илинден, за касарната Ѓорче Петров и за Идризово.
Еден од основните услови за да се прифати една понуда како сериозна, бил фирмите да имаат најмалку 200 милиони денари приходи за секоја од последните три години.

Ако се погледнат финансиските резултати на претендентите и тоа само за лани, станува јасно дека само двајца конкуренти се пријавиле со сериозна намера. Индустри сервис во 2025 година оствариле приходи од околу 622 милиони денари, а Специјал-продукт околу 480 милиони. Третиот пријавен, ФФ Балкан Гроуп, лани бележи приходи од 5,2 милиони денари, односно околку 40 пати помалку од потребниот минимум.
Неоснована жалба
Но, комисијата во МВР ја елеминирала и „Специјал-продукт“. Заклучиле дека дел од возилата за достава кои ги пријавиле не биле нивни.
Во својата жалба до Комисијата за жалби по јавни набавки, фирмата потврдува дека возилата не се нивни, дека имаат договор за техничка соработка со сопствениците и дека возилата ги исполнуваат бараните услови. А, потоа, и дека тие возила биле потребни само за еден од трите дела на тендерот.
„Во таков случај истиот (Специјал-продукт н.з.) единствено не би ги исполнувал условите само за еден дел од постапката за јавна набавка, а не за сите три дела како што е наведено во Известувањето“,
пишува во Решението по жалба број 08-892/6, на Државната комисија за жалби по јавни набавки
Од фирмата-жалител укажале и дека единствената преостаната и, на крај, избрана фирма, исто така имала недостатоци во документација – кај дипломите на готвачите и техничкиот персонал.
„Видно од приложените докази-дипломи јасно можело да се утврди дека истите не се комплетни бидејќи не содржеле ниту печат, потпис ниту штембил од институцијата од која се издадени“,
се вели во Решението по жалба број 08-892/6 на Државната комисија за жалби по јавни набавки
Второстепената комисија ја одбила жалбата поради неоснованост. Во делот за дипломите на конкурентот, не се споменува недостатокот на печат и штембил туку…
„На самите дипломи за наведените лице јасно се гледаат називот на институцијата од која се издадени и бројот од главната книга во кое се води досието во институцијата од која се издадени. Државната комисија смета дека доколку жалителот ја оспорува валидноста на издадените дипломи требало да достави докази за истото, а кое произлегува од одредбата на… Законот за јавни набавки.“
наведено е во Решението по жалба број 08-892/6 на Државната комисија за жалби по јавни набавки
Во однос на возилата, второстепената комисија објаснува дека кога се користи способност од друг субјект, мора да се достави и документација за да се утврди дека не постојат причини за исклучување на субјектот чија способност се користи. Такви документи, не можело да се достават откако тендерот бил отворен.

Дополнително, комисијата не можела да одлучува кои возила за кој дел од тендерот биле пријавени.
„Самиот, како понудувач, нема наведено кои возила ги приложува како доказ за исполнување на условите за кој дел од постапката, па договорниот орган не може самостојно да предвидува дали економскиот оператор исполнува услови за одредени делови од набавката, туку во ваков случај ја евалуира понудата од аспект дали во целост ги исполнува барањата“
напишано е во Решението по жалба број 08-892/6 на Државната комисија за жалби по јавни набавки
Па, иако на хартија изгледа дека за 17,5 милиони евра тешкиот тендер имало конкуренција, избраната понуда всушност била единствена.
Флуидни перспективи
На чело на МВР, и во време на потпишувањето на договорот и во моментов, е Панче Тошковски – кадар на ВМРО-ДПМНЕ.
Но, партијата беше во опозиција во 2023-тата, годината кога полицијата ја спроведе претходната набавка на исхрана. Еве како реагираа тогаш.

„Ова е фотографија од која се гледа Спасовски во друштво на сопственикот на фирмата Индустри сервис Драган Смилковски. А на поставувањето на камен темелник на фабриката во Гази Баба е речиси цела влада на СДС и други функционери“,
изјави Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ на 22 јануари 2023 година.
Фирмата „Индустри сервис“, за која Наќе Чулев во 2023 година обвинуваше дека добила тендер поради блискоста со тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и власта на СДСМ, е истата која го доби тендер за исхрана и сега, во време на ВМРО-ДПМНЕ.
А, уште тогаш, во 2023, Чулев ја поставил дилемата која логично се наметнува и со новиот договор, особено кога станува збор за готовите производи.
„Ако Индустри сервис имал сметка да купува и да препродаде храна која друг ја произвел, зошто тогаш МВР не го сторило тоа?“,
изјавил на 23 јануари 2023 година Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ.
