Во соопштението од седницата на ИК на партијата, кое е објавено денеска, не се спомнува воопшто напуштање на парламентот, иако Мицкоски вчера најави таква можност
ВМРО-ДПМНЕ останува во парламентот до неговото распуштање, што од партијата очекуваат да се реализира до крајот на оваа седмица. Од партијата ни потврдија дека нејзините пратеници остануваат во Собранието, иако партискиот лидер Христијан Мицкоски соопшти вчера дека се размислува за излегување од законодавниот дом.
Мицкоски најави вчера дека за можното излегување од парламентот ќе расправа Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кој заседаваше синоќа. Но, во соопштението од седницата на ИК, кое е објавено денеска, не се спомнува воопшто напуштање на парламентот. Во соопштението е наведено единствено дека е расправано за актуелната општествено-политичка состојба и за подготовките на партијата околу предвремените парламентарни избори.
Исто така, се наведува дека предвремените парламентарни избори мора да се одржат на 12 февруари, без притоа да се спомнува датум кога треба да се распушти парламентот. Од ВМРО-ДПМНЕ сега велат дека Собранието мора да се распушти до крајот на неделава, откако спикерот Талат Џафери не го стави вчера на дневен пред предлогот на пратеничката група на опозициската партија, според кој распуштањето требаше да биде со вчерашен датум.
„ИК на ВМРО-ДПМНЕ смета дека државата не смее да биде заложник на личните интереси на поединци на власта, како и од стравот од одговорност на оние кои се огрешиле пред законот. Денот кога кога мора да се одржат предвремените парламентарни избори е на 12 април – за крај на кризата и за крај на политичката кариера на Заев. Избори на 12 април, а потоа одговорност за криминалот, корупцијата, срамот и понижувањата. ВМРО-ДПМНЕ ќе го следи развојот на ситуацијата и ќе реагира во одбрана на демократијата, интересите на граѓаните и државата“,
гласи заклучокот од седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ, како што се наведува во партиското соопштение, ќе го следи развојот на ситуацијата и ќе реагира во одбрана на демократијата, интересите на граѓаните и државата. ИК на ВМРО-ДПМНЕ смета дека власта со последните скандали ја втурнува државата во уште поголема криза и ја оддалечува од европската иднина.