Мицкоски најави седница на Извршниот комитет на партијата во текот на денот и тврди дека не треба да се отстапува од договорените термини за распуштање на Собранието и за одржување на изборите
Разрешувањето на министерката Мизрахи е тешко изводлива мисија, затоа што потоа ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да даде нов предлог за ова место
Излегување на ВМРО-ДПМНЕ од парламентот најави денеска партискиот лидер Христијан Мицкоски, на само еден или два дена пред распуштањето на овој состав на законодавниот дом.
Мицкоски изјави дека не гледа причина за натамошно учество на опозициските пратеници во парламентот, а како причина за тоа го наведе отстапувањето од политичкиот договор денеска да биде распуштено Собранието, за што ВМРО-ДПМНЕ има доставено и предлог. Тој рече дека во текот на денот ќе заседава Извршниот комитет на партијата, кој би ја донел и конечната одлука за тоа дали партијата ќе излезе од Собранието.
– Навистина не ја гледам повеќе потребата од учество на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Во текот на денов ќе имаме Извршен комитет, ќе разговараме на оваа тема и јавноста ќе биде навреме информирана за следните чекори на ВМРО-ДПМНЕ“,
изјави денеска Мицкоски во врска со тоа што ќе преземе опозицијата, со оглед на тоа што не е прифатено нивното барање законодавниот дом да се распушти денеска.
Мицкоски порача дека не треба да се отстапува од постигнатиот политички договор за термините за распуштање на Собранието и за избори. Во однос на предлогот од премиерот Оливер Спасовски за разрешување на министерката за труд Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека тоа се политички маневри, кои, како што рече, може да ја однесат државата во тешко политичко сценарио.
„Свесни се дека губат, ја разбирам нивната нервоза, знаат дека следува одговорност по 12 април. Нема потреба од ваква нервоза бидејќи граѓаните се тие што на крајот од денот ќе го понесат товарот од сите овие политички гимнастики што се обидуваат овие сценаристи да ги креираат. Апелирам до Спасовски да се воздржи од какви било политички маневри и слугувања на политиките на СДСМ, да го гледа државниот интерес и да не ја тера свесно државата во едно тешко политичко сценарио“,
рече Мицкоски.
На прашање дали предлогот за разрешување на Мизрахи ќе го одолговлече распуштањето на Собранието, Мицкоски кажа дека ќе биде чесно ако денеска парламентарно мнозинство се охрабри да се собере за да се распушти Собранието, како што е договорено.
„Не е добро, ниту за државата, вака по пат на насилство да се туркаат работите. Политички договор постои и тој треба да се почитува. Имаме 60 дена до денот на гласање, колку-толку барем да имаме елементарни услови за пристоен изборен ден на12 април“,
рече Мицкоски
Предлогот на техничкиот премиер Оливер Спасовски за разрешување на министерката Мизрахи попладнево стигна во парламентот и е доставен до пратениците и до спикерот Талат Џафери, кој треба да закаже седница. Меѓутоа, прашање е дали седницата воопшто ќе биде закажана и, ако биде, дали ќе дојде до гласање.
За разрешување на член на Владата потребни се најмалку 61 глас во парламентот, што владејачкото мнозинство може да ги обезбеди, но прашање е како потоа ќе се пополни тоа место, со оглед на тоа што има техничка влада, така што ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да даде нов предлог за министер за труд и социјална политика. Друга пречка е тоа што до распуштањето на парламентот има само уште неколку дена, така што, практично, нема време за кадровски промени во техничката влада, во која учествува и ВМРО-ДПМНЕ. Освен Мизрахи, ВМРО-ДПМНЕ има свој кадар на чело на МВР и дополнителни заменик-министри во финансии, земјоделство и во информатичко општество и администрација.