Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе предлог-закон за измени и дополнување на Законот за средно образование. Ова следува по средбата со членовите на Сојузот на средношколци кои со бојкот на наставата бараат во рамки на државната матура да полагаат два наместо четири предмети.
„После средбата од пред два дена со дел од претседателството на Сојузот на средношколци, и во согласност со можностите кои ни стојат на располагање, целосно ги поддржуваме и преку институциите ќе ги канализираме нивните барања. Барања на средношколците се основани и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со овој чекор ќе им помогне наместо да го губат времето во бојкот и бирократски процедури кои траат премногу долго, да се смени законот и тие да можат да се насочат на учење“,
рече пратеникот Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека во барањето од средношколците испратено до сите пратенички групи се предвидува олеснување на полагање на матурата, односно проектна задача и полагање 2 предмети наместо 4, и тоа: мајчин јазик и уште еден, кој ќе биде соодветен за понатамошен упис на факултет, за оние кои планираат да го продолжат своето образование.
„Со оглед на сите настанати околности како последица на КОВИД-19 пандемијата, со оглед на фактот дека учебната 2020/21 година почна со еден месец задоцнување, времетраењето на училишниот час од 30 минути, скратените наставни програми, немањето можност за вистинска пракса, немањето технички услови кај дел од учениците итн, сметаме дека овој дел може да се регулира со дополнување на законот за средно образование, каде ќе се дефинира бројот на предмети како и времетраењето на важноста на овој Закон“,
рече Здравковски.
Тој ги повика останатите пратенички групи, без разлика дали се од мнозинството или од опозицијата, да го поддржат овој предлог-закон со што, како што рече, би им дале надеж на матурантите и нема да се дозволи да има уште една пропадната генерација поради неспремноста на системот.
„Матурантите не бараат прашања од пониско ниво како што најавија од Државниот испитен центар, затоа што тоа е директно штетно влијание со намалување на квалитетот на образованието, туку бараат по примерот на Обединетото Кралство, Ирска, Франција, Белгија, кои ги укинаа испитите оваа година, токму поради состојбата во образованието во услови на ковид-19 пандемија, кај нас да се намали бројот на истите. За брза реализација на овој чекор треба само добра волја и конечно, намалување на егоцентричноста и ароганцијата на Царовска и за доброто на образовниот систем да ги прифати сите пропусти, да почне со правење анализи и носење рационални решенија. Образованието е носечки столб на државата. Матурантите се идните носители во сите дејности во државата и токму затоа ние им ја даваме нашата поддршка“,
рече пратеникот.
Поддршка за барањата на средношколците денеска изразија и од партијата Левица и го повикаа МОН преку дијалог да најде соодветно решение.
Од Сојузот на средношколци информираа дека ќе продолжат со средби со сите пратенички групи и дека очекуваат консензус во Собранието за нивните барања.