„Во 2019 година Пенаровски велеше дека од позицијата претседател нема да му падне на памет да амнестира криминалци. Ај што не си додржа до зборот туку помилува лице кое според медиумите е лидер на наркокартел во Скопје“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Стево Пендаровски што и да каже после тоа си го погазува својот збор, обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и потсетуваат на изјава на Пендаровски од пред пет години.
„Во 2019 година ветуваше дека ако нема правда нема да има мир. Ветуваше дека тие што сториле криминал ќе одговараат неселективно. Велеше дека од позицијата претседател нема да му падне на памет да амнестира криминалци. Ај што не си додржа до зборот, туку помилуваше лице кое според медиумите е лидер на наркокартел во Скопје одговорен за мафијашки убиства и нелегална трговија со дрога. Ако ова не е еден од најтешките облици на криминал, тогаш Стево Пендаровски има реален проблем со перцепцијата“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека Пендаровски во време на кампањата, со цел да придобие гласови од граѓаните, уверувал дека ако помилуваш такви лица тоа значи дека нешто им должиш или ти помогнале да станеш претседател.
„Епа, господине Пендаровски, дали помилувањето и комуникацијата со наркобосови сте ги правеле затоа што нешто им должите или ви помогнале да бидете избран за претседател? Две недели се криете од јавноста и не давате ни еден одговор. Тоа што го објавуваме се ваши изјави и фотографии кои сами сте ги правеле и никој не ве терал со сила. Сте сакале – сте се сликале со наркобосови. Сте сакале – сте амнестирале водач на наркобанда. Тоа е ваш избор и затоа сега е ваша одговорност. Вие немате веќе ни кредибилитет, ни интегритет“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.