ВМРО-ДПМНЕ и денеска во соопштение до јавноста го критикува менаџирањето на корона-кризата обвинувајќи ја Владата дека ја злоупотребува вонредната состојба.
Освен што обвинува за неажурност на власта и недостиг на тестови за ковид-19, заштитна опрема за медицинскиот персонал и граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ во партиското соопштение вели и дека ситуацијата со коронавирусот се користи за манипулации со случајот „Рекет“.
„Протоколите се игнорираат, а поради внатрепартиски битки се игнорираат и барањата на општинските штабови. Целата паника се користи за ослободување на инволвираните во случајот ‘Рекет’“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозицијата, единствено нешто што функционира се, како што велат, огласите за времени вработувања, обвинувајќи дека државните пари се слеваат кај партиските послушници.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека рецесијата во државата е започната и дека владините мерки за намалување на последиците од ковид-19 не се доволни за спас на бизнисот.
„Додека во светот и во европските земји владите носат сериозни мерки за заштита на граѓаните и стопанството, претставниците на власта во Македонија се натпреваруваат кој повеќе пресови ќе направи за да бидат ‘популарни’ и видени. Со ваков популизам и неспособност пати народот и државата која е во колапс“,
се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.