Филипче уште еднаш ја обвини опозицијата дека го кочела процесот за изградба на монтажни болници за ковид-19 во повеќе градови низ земјава
ВМРО-ДПМНЕ реагираше на вечерашното интервју на министерот за здравство, Венко Филипче и уште еднаш побара негова оставка.
„Дека е се под контрола, Филипче го демантираат и бројките на заразени од вкупниот број тестирани кои одат и над 30 проценти. Бројот на починати од корона се движи кон илјада. Македонија се најде и прва на листата на починати лица во 24 часа. И наместо соодветна здравствена политика во време на пандемија, Филипче се грижи за шминкање на реалноста. Дали е Филипче свесен дека додека тој е министер има најголем број на смртни случаи предизвикани од некој фактор и влијание по Втората светска војна. Одговорност за ваквата ситуација мора да има. Филипче единствено нешто што треба да направи е да даде оставка, а најдобра мерка на Владата е да ја прифати неговата оставка“,
се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче пак, во гостувањето на Телма уште еднаш ја обвини опозицијата дека го кочела процесот за добивање заем од Светската Банка за изградба на ковид-центри во повеќе градови низ земјава
„Изгубивме повеќе од 5-6 месеци. Осум пати одговарав на прашањата на тогашната заменичка министерка за финансии за што ќе се трошеле парите. Осум пати ги праќаше прашања и осум пати истото и го кажавме. Класична блокада. Што можевме да направиме? Но, ете веднаш откако се формираше Владата почна постапката“,
рече Филипче.