Филипче вели дека обезбедени се дополнителни термини за тестирање и верува дека времето за чекање ќе се намали
На никого не му е скратено правото да се јави во болничка установа и доколку има симптоми и потреба, брзо да му се направи тест за ковид-19, изјави министерот за здравство, Венко Филипче во вечерашното гостување на Телма, одговарајќи на прашањето зошто граѓани со денови чекаат термин за тестирање за ковид-19.
„Точно е дека системот е преоптеретен и се обезбедија дополнителни термини и мислам дека чекањето ќе се намали. Нема потреба од паника. Секој што има потреба од здравствена услуга и тестирање, може да се јави во најблиската болница и здравствен дом. Ние сме во комуникација, точно знаеме секое утро каде и како се исполнети болничките капацитети и со каква клиничка слика се. Точно знаеме кој каде треба да биде препратен или дали може да почека тест доколку не е итен. Значи на никого не му е скратено правото да се тестира, ако има индикација за тоа“,
рече Филипче.
Тој рече дека обезбедени се дополнителни термини за тестирање и верува дека времето на чекање ќе се намали.
Филипче посочи дека државата нема механизам да ги намали цените за приватно тестирање, но вели ако продолжи ваквиот тренд на заболени Фонтот за здравство ќе склучи договор со дел од нив.
„Немаме механизам да ги намалиме цените, но еве апелирам приватните лаборатории да го направат тоа. Во оваа криза мислам не треба да се гледа профит и апелирам да излезат во пресрет и да ги намалат цените“,
рече Филипче.
Коментирајќи ги критиките дека граѓани со денови чекаат да им биде направена и епидемиолошка анкета, Филипче вели дека ресурсите се ограничени и апелира граѓаните додека чекаат резултати да останат во изолација.
„Свесни сме дека заради малиот број епидемилози тие иако работат деноноќно не можеа да постигнат со анкетите. Има и друг проблем бидејќи луѓето често не ги кажуваат точните податоци. Точно е дека има притисок. Затоа се направи тимот на студентите кои ќе помагаат. Едноставно тоа е бројот на епидемиолози и инфектолози. Секој што е тестиран до резултатот мора да биде во изолација и самите луѓе мора да се свесни дека до добивање на тестот мора да се во изолација“,
порача Филипче.