Партискиот портпарол Стоилковски обвини дека 20 дена ниту еден од 12-те директори на Хирургија не излегол со став за случајот, но затоа, како што кажа, се здружени со заменик-министерката за здравство Маја Манолева
ВМРО-ДПМНЕ и денеска излезе со серија обвинувања, формулирани како прашања и констатации, до СДСМ и ДУИ во врска со ситуацијата со хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ кои повеќе од две недели се затворени поради непријатен мирис кој се чувствувал во нив.

Партискиот портпарол Наум Стоилковски на прес-конференција изјави оти се потврдило дека од минатиот петок до денеска ништо нема да биде преземено на Хирургија, но затоа, како што додаде, „дознаваме дека на СДС и ДУИ поважни им се партиски функции“.
„Сведочиме за последните политички ‘купи ден – продај’ зафати на СДС-ДУИ! Километарски редици за чекање операции, хирургија е во колапс, а мора да се потпреме на среќа или на небото да не се случи поголема трагедија, затоа што ќе нема каде да се примат пациенти“,
рече Стоилковски.
Говорејќи во таа насока, тој изјави дека на СДСМ и на ДУИ воопшто не им е грижа за тоа што се случува и оти нема одговор дали санацијата на системот на Хирургија би чинела само 120 000 евра.
Стоилковски обвини дека 20 дена ниту еден од 12-те директори на Хирургија не излегол со став за случајот, но затоа, како што кажа, се здружени со заменик-министерката за здравство Маја Манолева.
Тој се осврна и на истрагата што води Јавното обвинителство за откривање на евентуално кривично дело кое можеби е причината за појавата на непријатниот мирис во хируршките сали на Клинички.
„Дознавме дека Заеднички служби зависат од Клиниките, ама дури и од Заеднички служби се јавија во јавност само 12-те директори на Хирургија се сокриени.
Дознавме дека Владата, оние од СДС-ДУИ воопшто не им е грижа за тоа што се случува, и нема став за Хирургија. Нема ниту одговор дали санацијата би чинела само 120.000 евра?
И секако, дознавме дека додека трае процес на ЈО за Хирургија, заменик министерката Маја Манолева се среќавала со сите директори на Хирургија!? Уште еднаш ќе повторам – ЈО наводно испитува дали има заговор во Хирургија, а сите директори и власта си прават средби и се договараат!?
Па треба да веруваме дека збореле дека ќе отпочнат со работа кога ќе има услови, а не и можеби за ветување заштита за 12-те директори заради колапсот на Хирургија?“,
рече Стоилковски.
На прес-конференцијата тој покажа и фотографија од фејсбук-профилот на заменик-министерката Манолева со датум од 22 мај на кој таа заедно министерот за здравство Илир Демири и други колеги држи торта, а како што може да се заклучи од коментарите под објавата на социјалната мрежа, повод е нејзиниот роденден.

Од друга страна, според Стоилковски, фотографијата покажува колкава е грижата на Манолева за случајот со хируршките сали во Клиничкиот центар
„Ова е фотографија од ФБ страницата на Манолева, заменик министерката за здравство од 22 мај 2024 година, една недела по хаосот на Хирургија. Таа во Кабинет заедно со министерот си прославуваат со торти додека цела Хирургија тоне. Толку од грижата на Манолева… Кабелот повеќе не може да е виновен! Ако санацијата би вредела 120.000 евра, ако за 120.000 евра 20 дена здравството е во колапс, некој дебело ќе одговара. Одговорност ќе има, колку и да се групираат и регрупираат!“,
порача Стоилковски.
Хируршките сали во Клиничкиот центар во Скопје од 18 мај се затворени, а како причина за тоа е наведен непријатниот мирис кој се ширел во нив.
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за „360 степени“ емитувано вчеравечер на МРТ 1, изјави дека Јавното обвинителство, постапувајќи по известувањето на министерот за здравство, има оформено предмет при што отпочнат е процес за да се утврди дали постои кривично дело во случајот со неработењето на хируршките сали во Клиничкиот центар.
За овој предмет, Коцевски кажа дека досега се сослушани голем број сведоци, има собрано материјални докази и постапката е сè уште во тек.
„За јавното обвинителство важно е во конкретниот случај дали евентуално постојат елементи за некакво кривично дело. Тоа би можело евентуално да биде диверзија од член 314 или саботажа од член 315 од Кривичниот закон“,
рече Јавниот обвинител на Република Северна Македонија.
Во моментов, рече тој не се отфрла и можноста дека причина за непријатниот мирис е застареноста на компресорскиот систем.
Заменик-министерката за здравство Маја Манолева во неделата во изјава за телевизија Сител кажа дека имале средба со директорите на клиниките и се договориле за алтернативни решенија за хируршките сали.
„Се договоривме да отпочнат со работа сите хируршки клиники во Клиничкиот центар во операционите сали со користење на надворешни компресори и дополнително со садови со компримиран воздух“,
рече Манолева.
Најави и дека ќе побара од владата да ја задолжи јавната установа Заеднички служби за потребите на здравството да извршат итна набавка и промена на локацијата на компресорската станица на Клинички центар.
Манолева, исто така, рече ќе побара и итна набавка и замена и на инсталацијата за довод на кислород и на компримиран воздух.