Од партијата велат дека протестите продолжуваат затоа што Заев и Османи кријат за што се преговара со Бугарија и што се подготвени да прифатат од бугарската декларација
ВМРО-ДПМНЕ ќе ги продолжи протестите пред Министерството за надворешни работи, иако шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска е во Брисел, како дел од македонската делегација на Самитот на НАТО. Делегацијата ја предводи премиерот Зоран Заев – на првиот Самит на кој С Македонија учествува како полноправна членка на Алијансата.
Протестот ќе почне во 17 часот, откако Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на седница што се одржа викендов во Битола, одлучи да продолжи со изразувањето револт пред МНР, поради, како што посочуваат од партијата, спречување на националниот срам што ѝ се подготвува на земјата.
Од партијата велат дека протестите продолжуваат затоа што Заев и Османи кријат за што се преговара со Бугарија и што сè се подготвени да прифатат од бугарската декларација.
ВМРО-ДПМНЕ го повикува министерот за надворешни работи Бујар Османи да го покаже на македонската јавност документот за кој се преговара со Бугарија.
Министерот Османи, пак, најави дека во среда би присуствувал и реферирал на седница на собраниската Комисија за надворешна политика, откако претседателот на ова тело, Антонио Милошоски, му упати јавна покана да се обрати пред пратениците, во врска наводите на опозицијата за тајни преговори со Софија.
„Ќе ги вложам сите напори да ја прекинам тековната дипломатска офанзива за во среда на неколку часа да бидам во Скопје и да се обратам пред пратениците и членовите на Комисијата за надворешна политика во Собранието . Очекувам, најмалку со иста ревносност, претседателот на Комисијата да ја закаже и седницата на која ќе ги претстават тезите и избраните амбасадори, со што ќе се отвори патот за нивно упатување во земјите на покривање, напиша Османи денеска на Фејсбук.
Милошоски, во меѓувреме, соопшти дека за среда во 15 часот ќе закаже седница на Комисијата и ќе го повика министерот Османи да ги претстави предлог – акцискиот план и предлог-патоказот за кои Заев и специјалниот пратеник Владо Бучковски преговараат со Софија. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, исто така, напиша на Фејсбук дека протестите на опозициската партија продолжуваат и во понеделник и во вторник пред МНР, од 17 до 19 часот.
Минатата седмица, во изјава за „360 степени“, Милошоски рече дека ќе свика продолжение на седницата на која неколку идни амбасадори на земјава треба да ги претстават своите платформи само ако Османи дојде да реферира пред членовите на Комисијата за надворешни работи за најновиот развој на настаните во преговорите со Бугарија.
Минатата недела, се до петокот, ВМРО-ДПМНЕ организираше блокади на три раскрсници во центарот на Скопје и во други градови во земјата, во периодот од 15 до 17 часот, по што беше одлучено протестите да се преселат пред зградата на МНР.