Целта на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и лидерите е да се усогласат за агендата „НАТО 2030“, во однос на безбедноста и одбраната.
Во Брисел денеска се одржува Самит на НАТО – прв со 30 полноправни членки, откако минатата година нашата земја влезе во Алијансата.
Премиерот Зоран Заев ќе ја претставува земјата на Самитот, на кој шефовите на држави или влади на членките на Алијансата ќе разговараат за иднината на Алијансата и нејзините предизвици. Тој ја предводи владината делегација, во која се и министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
„Рамо до рамо со нашите сојузници, целосно сме посветени на колективната безбедност. Затоа што ние сме НАТО. Заедно сме посилни“,
напиша Заев на Фејсбук
Шекеринска, вели дека овој самит е мошне значаен за С Македонија, затоа што првпат ќе имаме влијание или барем збор во процесите што ќе започнат потоа.
„Самитот е важен и ќе започне процеси во НАТО во кои се првпат ние ќе имаме влијание или барем збор и мислам дека од тој аспект многу сериозно пристапивме кон наши подготовки. Правевме некакви проценки околу тоа кои прашања треба ние да ги апострофираме бидејќи првпат ќе бидете во позиција да кажете нешто, а да не биде само ’ние сакаме да биде членки‘. Тоа е зреење, поголема обврска и обид пред нашите идни евросојузници да се покажеме во позрело светло“,
рече Шекеринска во вечерашното интервју за „360 степени“.
Целта на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, е лидерите да се усогласат за агендата „НАТО 2030“, во однос на безбедноста и одбраната. Како што се најавува, тој на лидерите ќе им претстави низа предлози, вклучително со зајакнување на политичката димензија на Алијансата, како и засилување на колективната одбрана и отпорноста на земјите членки во однос на инфраструктурата.
Сајбер-безбедноста, климатските промени и зголемувањето на буџетските стапки на земјите членки за одбраната, ќе бидат меѓу најважните теми на дискусија. Односите со Русија и Кина, исто така, ќе бидат меѓу клучните теми за разговор, посебно за тоа како НАТО да се постави во однос на подемот на овие две светски сили.
Столтенберг го поздрави фактот што од 2014 година, земјите членки на Алијансата постојано го зголемуваат буџетот за одбраната, а до 2024-та сите 30 земји се заложија да постигнат два отсто од бруто-домашниот производ наменет за воени цели.
„Сите предизвици бараат постојано зголемување на инвестициите во одбраната. Последните седум години по ред се зголемени расходите за одбраната, додадени се 260 милијарди долари од 2014 година, но треба да инвестираме уште повеќе за да ја постигнеме нашата висока амбиција“,
рече шефот на Алијанса во петокот.
Тој се повика на последните анкети на јавното мислење, спроведени од НАТО, но и од „Пју рисрч“, кои покажуваат висока поддршка на граѓаните за Алијансата и за соработката помеѓу Европа и Северна Америка.