Како што на претседателот му се потребни 80 гласа за потврдување на вонредната состојба така и на опозицијата би ѝ било потребно двотретинско мнозинство за покренување постапка за отповикување на Пендаровски. Нему му недостигаат околу 45 гласа во парламентот, додека на ВМРО-ДПМНЕ би ѝ недостигале многу повеќе – за постапката да стигне барем до Уставниот суд
Пратеничката Дафина Стојаноска ја наметна, а ВМРО-ДПМНЕ ја прифати опцијата да поведе постапка за импичмент против претседателот Стево Пендаровски откако остана да виси во воздух прашањето дали неговите веќе „бивши“ одлуки за прогласување вонредна состојба ќе бидат потврдени во новиот парламент.
Иако и Уставниот суд ги прогласи за беспредметни иницијативите за оценување на уставноста на вонредната состојба, Стојаноска во вчерашното гостување на ТВ 24 не отфрли можност за покренување постапка за отповикување на претседателот на државата, одговарајќи на прашање што би презела опозицијата ако неговите одлуки не бидат потврдени во парламентот.
„Одговорот за овој проблем, кој несомнено ќе стане голем, треба да се побара или кај претседателот или кај Уставниот суд, но по однос на ова што ме прашавте дали ќе поднесеме иницијатива за импичмент на претседателот, секако ќе ја разгледаме таа можност. Немаме донесено став“,
рече Стојаноска
Таа повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за потврдување на вонредната состојба (која траеше од 18 март до 22 јуни годинава, за што беа донесени пет одлуки) затоа што голем дел од уредбите донесени од техничката владата биле наменети за други цели и не се надминала економската и здравствената криза во државата.
ВМРО-ДПМНЕ не ја спори засега уставноста на одлуките на шефот на државата, кој, според Уставот, има надлежност да прогласи вонредна состојба во случај на епидемија или природна непогода, доколку парламентот не е во можност да се состане.
Од друга страна, прекршувања на Уставот и на законите се основата врз која може да се покрене постапка за отповикување на шефот на државата. Постапката почнува во парламентот, а крајна инстанца е Уставниот суд.
Како што на претседателот му се потребни 80 гласа за потврдување на вонредната состојба, така и на опозицијата би и било потребно двотретинско мнозинство за покренување постапка за отповикување на Пендаровски. Нему му недостигаат околу 45 гласа во парламентот, додека на ВМРО-ДПМНЕ би и недостигале многу повеќе – за постапката да стигне барем до Уставниот суд, каде што повторно ќе биде потребно двотретинско мнозинство за Пендаровски да биде разрешен од функцијата претседател.

СДСМ, додека беше опозиција, имаше можност да се увери колку е сложена и речиси неизводлива постапката за импичмент, кога во 2016 година покрена таква постапка за тогашниот претседател Ѓорге Иванов, поради колективната аболиција за прислушувањето. Поради мнозинството гласови со кои располагаше тогаш ВМРО-ДПМНЕ, импичментот за Иванов не стигна воопшто до Уставниот суд.
Сепак, ВМРО-ДПМНЕ, по синоќешната изјава на Стојаноска, продолжи да ја држи отворена можноста да импичмент за Пендаровски.
„Се разгледуваат сите можности и сите опции ќе бидат издискутирани во телата и органите во партијата. Ние одамна кажавме дека Пендаровски е соучесник на мафијата на Заев. За жал, оваа мафија функционира во оваа држава многу подобро и од најдобрите времиња кога функционирала ’Коза ностра’“,
изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање кога може да се очекува конечна одлука за импичмент за Пендаровски.
Арсовски потсети дека ВМРО-ДПМНЕ прво барала да се прогласи криза, а потоа и вонредна состојба.
„Иако беше воведена вонредна состојба за справување со ковид-19, таа беше искористена единствено за личен интерес и за полнење на џебовите на одредени функционери од СДСМ и од Владата, вклучително и Зоран Заев. Да беше искористена вонредната состојби во насока на справување на пандемијата, односно на здравствената и економската криза, ние сега веќе ќе немавме пандемија и ќе немавме проблем со корона кризата“,
рече Арсовски.
Претседателот на парламентот Талат Џафери вчера ја отвори собраниската седница на чиј дневен ред се и петте одлуки на Пендаровски. Но, заседанието беше прекинато веднаш по утврдувањето на дневниот ред и усвојувањето на првите две точки, така што прашање е дали одлуките на Пендаровски воопшто ќе бидат ставени на гласање или и оваа седница ќе остане во графата „незавршени“.
Премиерот Зоран Заев оцени денеска дека е несериозен и неодговорен односот на ВМРО-ДПМНЕ кон одлуките за прогласување вонредна состојба, кои Пендаровски ги донесе кога претходниот парламент веќе беше распуштен.
Во случај, пак, повторно да се наметне потреба од прогласување вонредна состојба, одлуката за тоа треба да ја донесе новиот парламент, каде што прашање е дали ќе може да се обезбедат 80 гласа, со оглед на моменталните позиции на ВМРО-ДПМНЕ.