Претседателот на парламентот, Талат Џафери, на денешниот брифинг со новинари потврди дека одлуките за вонредната состојба треба да се донесат со двотретинско мнозинство, но ВМРО-ДПМНЕ најавија дека овие денови ќе заседава Извршниот комитет за да изгради став
Собранието денеска ја почна седницата на чиј дневен ред беа ставени петте одлуки за прогласување вонредна состојба поради пандемијата предизвикана од ковид-19, но расправата по нив не започна, бидејќи седницата беше прекината.
По усвојувањето на дневниот ред, пратениците ги усвоија Предлог- одлуката за изменување на одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на Комисиите на Собранието, како и Предлог – одлуката за основање делегации, пратенички групи, и други облици на остварување меѓународна соработка.
По ова, Џафери ја прекина седница и рече дека пратениците дополнително ќе бидат информирани за продолжението. За попладне најави одржување седница на чиј дневен ред е и изборот за потпретседатели на Собранието.
Во меѓувреме, Џафери најави дека ќе се одржи и состанок на координаторите на пратеничките групи и претседателите на собраниските комисии, што било договорено на вчерашната собраниска координација.
Пред почетокот на оваа седница од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе гласаат против потврдувањето на петте одлуки за вонредна состојба од претседателот Пендаровски, поради тоа што, како што рекоа, тие не биле искористени за целта за која биле донесени, туку биле злоупотребени од Владата.
Петте одлуки за вонредна состојба беа донесени на 18 март, 16 април, 16 мај, 30 мај и 15 јуни, поради паднемијата од ковид-19.
Одлуките ги донесе претседателот на државата Стево Пендаровски, бидејќи во тој период Собранието беше распуштено заради одржување на предвремените парламентарни избори што првично беа закажани за 12 април, а потоа поради пандемијата беа презакажани и се одржаа на 15 јули.
За овие одлуки потребно е да гласаат 80 пратеници. Станува збор за две одлуки за вонредна состојба во траење од по 30 дена, две од по 14 и една одлука за вонредна состојба во траење од 8 дена.