Мицкоски прво бараше да се прогласи кризна состојба во целата држава поради ковид-19, а неколку дена подоцна апелираше до шефот на државата веднаш да прогласи вонредна состојба, за сега новите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да најават дека нема да ги потврдат петте одлуки на Пендаровски
Одлуките за прогласување вонредна состојба се носеа согласно Уставот, врз основа на предлог на Владата, додека Собранието беше распуштено. На донесувањето на одлуките им претходеа консултации во Советот за безбедност, а во два случаи имаше и лидерски средби на кои се постигна политички консензус за воведување вонредна состојба.
Ова се аргументите со кои од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски им одговорија на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои претпладнево се координира и донесоа одлука да гласаат против потврдување на петте одлуки за прогласување вонредна состојба, во периодот од 18 март до 22 јуни, поради ковид-кризата.
„Претседателот Пендаровски ги донесе одлуките за прогласување вонредна состојба во врска со пандемијата на ковид-19 во согласност со Уставот, врз основа на образложени предлози од Владата во кои беа наведени фактичките услови за нивното донесување, а Собранието беше распуштено. Дополнително, се одржуваа и тематски седници на Советот за безбедност, а во два случаи и средби на претседателите на политичките партии кои самостојно освоиле мандати на последните парламентарни избори (2016 г.), на кои се изгради недвосмислен политички консензус за прогласување вонредна состојба. Посебно сакаме да нагласиме дека Уставниот суд ја потврди уставноста на одлуките што ги донесе претседателот Пендаровски. Потврдувањето на одлуките за постоење вонредна состојба е во надлежност на Собранието на Северна Македонија“,
велат од кабинетот на Пендаровски.
Со оглед на тоа што ВМРО-ДПМНЕ има 44 пратеници, извесно е дека нема да се обезбедат 80 гласа, колку што се потребни за одлуките на Пендаровски да бидат потврдени. Но засега ниту Џафери, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту, пак, Пендаровски не посочуваат какви правни или евентуални политички последици би имало непотврдувањето на одлуките за вонредната состојба, која, по неколку продолжувања, заврши на 22 јуни, за да почне кампањата за парламентарните избори.
Пред донесувањето на првата одлука за прогласување вонредна состојба, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ предлагаше наместо тоа да се прогласи кризна состојба на целата територија на државата.
Сепак, неколку дена подоцна, Мицкоски, на прес-конференција побара Пендаровски веднаш да воведе вонредна состојба.
Истиот ден, Пендаровски ја донесе првата одлука за прогласување вонредна состојба, откако спикерот Талат Џафери остана на ставот дека распуштениот парламент не може да се состане за да донесе таква одлука, за што, исто така, се потребни 80 гласа.
Последната одлука за прогласување вонредна состојба, во траење од осум дена, Пендаровски ја донесе на 15 јули, кога Мицкоски и Зоран Заев постигнаа согласност предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули, иако претходно СДСМ инсистираше гласањето да биде на 5 јули.