Чифлигароски во јавноста е познат како сопственик на компанијата „СВ инвест“, која во минатото добиваше милионски тендери од РЕК Битола, а подоцна заврши во стечај. Во истрагата за предметот „Синџир“, тој се сомничи дека бил еден од организаторите на злосторничко здружување
Тој подолг период беше недостапен за органите на прогонот и се водеше како лице во бегство, а откако неодамна сам се предаде на граничниот премин „Свети Наум“, тој веднаш беше спроведен во Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, од каде што со најновата судска одлука заминува во куќен притвор
Затворскиот притвор за битолскиот бизнисмен Стојан Чифлигароски, осомничен во случајот „Синџир“, е заменет со мерка куќен притвор. Одлуката ја донел Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, откако Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) дало позитивно мислење на предлогот поднесен од неговата одбрана.

Како што информираа попладнево од Кривичен, Советот постапил во границите на предлогот на одбраната и согласноста од Обвинителството, прифаќајќи го барањето како согласен предлог меѓу странките. Покрај куќниот притвор, на Чифлигароски му е определена и мерка на претпазливост – одземање на две важечки патни исправи.
„Оваа одлука се темели на наведеното во позитивното мислење на Обвинителството во кое е наведено дека истражната постапка е во завршна фаза“,
се наведува во соопштението од Судот.
Како дополнителни причини се посочени здравствената и семејната состојба на осомничениот, што било поткрепено и со соодветна медицинска документација.
Против ова решение странките имаат право на жалба во рок од 24 часа по приемот, но истата не го одлага неговото извршување.
Кој е Стојан Чифлигароски и каква е неговата улога во „Синџир“
Битолскиот бизнисмен Стојан Чифлигароски во јавноста е познат како сопственик на компанијата „СВ Инвест“, која во минатото добиваше милионски тендери од РЕК Битола, а подоцна заврши во стечај.

Во истрагата за предметот „Синџир“, тој се сомничи дека бил еден од организаторите на злосторничко здружување. Додека директорите на неговите фирми веќе беа осудени откако признаа вина за даночно затајување и перење пари, Чифлигароски подолг период беше недостапен за органите на прогонот и се водеше како лице во бегство. Според неофицијални информации, тој со години престојувал во САД.
За него претходно беше определена мерка притвор која требаше да започне да се смета од денот на неговото пронаоѓање. Откако неодамна сам се предаде на граничниот премин „Свети Наум“, тој веднаш беше спроведен во Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, од каде што со најновата судска одлука заминува во куќен притвор.
