ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од тезата дека претседателот Стево Пендаровски противуставно му го дал мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, оти нема обезбедено мнозинство. На новинарско прашање, какви ќе бидат следните чекори на партијата, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на прес-конференција денеска кажа дека прво ќе го почекаат исходот од разговорите меѓу СДСМ и ДУИ.
„Ќе почекаме да видиме како ќе се одвиваат преговорите. Во однос на позицијата на ВМРО-ДПМНЕ, морам да истакнам дека сите опции се отворени“,
вели Арсовски.
По добивање на мандатот, вчера Заев оствари работна средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на која присуствувале и нивните блиски соработници Љупчо Николовски и Артан Груби.
Во заедничкото соопштение двете партии кажаа дека средбата била продуктивна и дека се постигнати основи за напредок кој води до коалиционен договор. Но, во соопштението нема детали дали и на каков начин е надминато барањето на ДУИ за премиер Албанец.
Разговорите меѓу СДСМ и ДУИ ќе продолжат во текот на викендот на ниво на генерални секретари.
„Во однос дека имало добри основи за напредок, би ве потсетил дека во изминативе две недели Заев во неколку наврати кажуваше дека има мнозинство. Зоран Заев е еден човек кој дрско лаже без срам. Може да каже сè, само да ја заштити својата кожа. Ќе почекаме да видиме како ќе се одвиваат преговорите“,
рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски на денешната прес-конференција.
Заев вчера стана мандатар и има рок од 20 дена да се обиде да обезбеди мнозинство, односно да достави до Собранието предлог-состав и програма за работа на нова влада. ВМРО-ДПМНЕ смета дека мандатот е узурпиран и во знак на револт објави дека ги замрзнува односите со претседателот Стево Пендаровски.