Во заедничкото соопштение од СДСМ и ДУИ нема детали дали и на каков начин е надминато барањето на ДУИ за премиер Албанец
Попладнево заврши работната средба меѓу лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, и нивните блиски соработници Љупчо Николовски и Артан Груби.
Во заедничкото соопштение на двете партии се вели дека средбата била продуктивна и дека се постигнати основи за напредок кој води до коалиционен договор.
„На тричасовната конструктивна и продуктивна средба постигнати се основи за напредок кој води до коалиционен договор за нова, европска влада, посветена на европските интеграции, на економијата, еднаквоста и на владеењето на правото. Разговорите меѓу двете партии ќе продолжат во текот на викендот на ниво на генерални секретари“,
соопштија СДСМ и ДУИ.
Средбата доаѓа по денешното доделување на мандатот на Зоран Заев од страна на претседателот Стево Пендаровски за составување влада. Сега Заев има рок од 20 дена да се обиде да обезбеди мнозинство, односно да достави до Собранието предлог-состав и програма за работа на нова влада.