Синоќешното интервју на шефот на државата за „360 степени“ го коментираше потпретседателот на најголемата опозициска партија, Александар Николски
Претседателот на државата Стево Пендаровски да престане да биде гласноговорник на СДСМ и на следната лидерска средба да го стави на дневен ред прашањето за бугарскиот документ што се однесува на македонскиот јазик, бара потпретседателот на опозициска ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Изјавата на Николоски е реакција на вчерашното интервју на претседателот Пендаровски за „360 Степени“ во кое го кажа својот став зошто смета дека ова прашање не треба да биде тема на следната лидерска средба. Николоски вели дека доколку Пендаровски одбие да се разгледува прашањето со Бугарија на лидерската средба, тоа ќе значи дека во позадина има нешто повеќе.
„Во оваа прилика повикувам Пендаровски да престане да биде гласноговорник на политиките на Заев, да се надмине себе и да ја земе улогата што ја има како претседател на државата и на претстојната лидерска средба да го постави ова прашање и да се разговара и за европските интеграции на земјава од аспект на бугарскиот документ и условувањата со кои што е соочена Македонија. Да се разговара за заеднички одговор кон условувањата за бришење на македонскиот јазик, македонскиот народ и ревизија на македонската историја“,
рече Николоски на денешната прес-конференција.
Тој упати прашање и до лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и го повика да се произнесе за бугарскиот документ, бидејќи досега јавно не ја коментирал новонстанатата ситуација во однос на Бугарија.
„Во изминативе две недели стана сосема јасно дека европската интеграција на Македонија се соочува со голема пречка. Документот на Бугарија, со кој се условува интегрирањето на земјава и продолжување на патот кон ЕУ, е последица на неспобната дипломатија и е уште едно фијаско на Владата на Заев. Документ кој беше криен од јавноста со цел никој да не знае за истиот да ја донесе Македонија пред свршен чин. Она што е најстрашно е тоа што имаме молк од Владата, од Заев и директна заштита од Стево Пендаровски“,
рече Николоски.
Николоски реагираше и на изјавата на Пендаровски дадена во интервјуто за „360 степени“ којашто се однесуваше на евентуално повторно прогласување вонредна состојба во земјава.
Пендаровски вчера рече дека ако се ублажи состојбата со ширење на вирусот, ќе размисли двапати дали ќе биде единствениот кој ќе прогласува повторно вонредна состојба.
„Вонредната состојба не е прашање на желба на Стево Пендаровски, ниту на Зоран Заев, ниту на СДСМ, вонредната состојба во моментов е потреба во Македонија затоа што има сериозна здравствена и економска криза и вонредната состојба треба да продолжи да егзистира не додека сака Стево Пендаровски или СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, или било кој друг, туку се додека има потреба за таа работа. Во моментов гледаме дека има потреба“,
рече Николоски.