Оттаму прашуваат и зошто министерот за економија Крешник Бектеши ја одложил прес-конференцијата на која вчера требаше да информира за спојувањето на концесиите за Иловица-Штука
Доцна синоќа Владата соопшти дека на седница била разгледана и образложена Информацијата со хронологија за постапките за доделување на концесиите на локалитетот Иловица, а повеќе информации најавија за денеска, за кога е закажана новата прес-конференција на министерот за економија
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмено соопштение прашува зошто министерот за економија Крешник Бектеши вчера ја закажа, па ја одложи прес-конференцијата на која требаше да информира за спојувањето на концесиите за Иловица-Штука. Прашуваат и дали премиерот Димитар Ковачевски ќе се охрабри и ќе побара одземање на концесијата или, како што велат, ќе продолжи да го брани ДУИ среде Струмица.
„Криминогената влада на СДС и ДУИ дава зелено светло на Назиф Дестани за влез во Иловица, а тој нема никакво искуство со ископ на бакар и злато. Човекот на ДУИ, Дестани, знае дека влегува во сигурна бизнис-зделка. Оваа криминогена влада ги обезбедува лицата блиски до ДУИ со милионски профити на штета на интересите на граѓаните во струмичко“,
наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.
Реакцијата на опозициската партија следува откако вчера, прес-конференцијата на министерот за економија, која требаше да се одржи во 14 часот, беше одложена за неодредено време. Новинарите трпеливо го чекаа Бектеши да се појави во Медија центарот на Владата, но по речиси час и половина излезе дека било залудно.
Од неговиот кабинет известија дека, поради дебатата која сè уште траела на владината седница, тој нема да биде во можност да излезе пред медиумите.
Доцна синоќа Владата соопшти дека на вчерашната седница била разгледана и образложена Информацијата со хронологија за постапките за доделување на концесиите на локалитетот „Иловица“.
Повеќе информации за оваа точка на дневниот ред на владината седница би требало да се соопштат денеска, за кога е закажана нова прес-конференција на министерот за економија Крешник Бектеши.
Спојувањето на концесиите за рудник во струмичкиот крај предизвика жестоки реакции во јавноста, по што Владата формално го задолжи ресорниот министер Бектеши да реферира на седница за постапката.
Бектеши е на став дека спојувањето на концесиите е исправна одлука и различна од давање дозвола за експлоатација. Вели дека двете концесии се една целина, односно првата концесија е во самото концесиско поле на втората, што им дава законска можност на инвеститорите да побараат спојување. Со спојувањето, државата ќе избегне плаќање пенали, кажа Бектеши минатата недела на брифинг.