Владата одново најавува прес-конференција за утре, со почеток во 11 часот
Сите со години бегате од тешките прашања, но ние остануваме зашто немаме друг избор, порачаа од Здружението „Здрава котлина“ пред денешната владина седница
Владината прес-служба пред малку повторно најави прес-конференција на министерот за економија Крешник Бектеши, откако неговото обраќање до јавноста предвидено за денеска, се одложи – по час и половина чекање на новинарските екипи.
Сега, Владата одново најавува прес-конференција за утре, со почеток во 11 часот.
Првичнo, прес-конференцијата на Бектеши во врска со одлуката за спојување на концесиите за „Иловица-Штука“ требаше да се одржи денеска во 14 часот. Новинарите трпеливо го чекаа министерот да се појави во Медија центарот на Владата на средбата закажана доцна синоќа, но по речиси час и половина излезе дека било залудно.
Од неговиот кабинет известија дека поради дебатата која сè уште траела на владината седница, тој нема да биде во можност да излезе пред медиумите.
Инаку денеска се одржа првата седница на Владата по враќањето на Бектеши од службеното патување во САД. На неа тој требаше одново да реферира за одлуката за спојување на концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, што на 27 јуни заедно со колегите ја изгласаа како дополнителна точка на владина седница, а потоа, дел од министрите тврдеа дека не биле темелно запознаени за што гласале и побараа ревизија на одлуката.
Спојувањето на концесиите за рудник во струмичкиот крај предизвика жестоки реакции во јавноста, по што Владата формално го задолжи ресорниот министер Бектеши да реферира на седница за постапката.
Бектеши е на став дека спојувањето на концесиите е исправна одлука и различна од давање дозвола за експлоатација. Вели дека двете концесии се една целина, односно првата концесија е во самото концесиско поле на втората, што им дава законска можност на инвеститорите да побараат спојување. Со спојувањето, државата ќе избегне плаќање пенали, кажа Бектеши минатата недела на брифинг.
Во пресрет на денешната владина седница, од Здружението „Здрава котлина“ порачаа Владата да размисли каква одлука ќе донесе.
„Ова не е нешто што така ќе ви помине! Бидете свесни дека за почеток ќе предизвикате експлозија на наталожен револт, граѓанска непослушност, масовни блокади и протести. Сите со години бегате од тешките прашања, но ние остануваме зошто немаме друг избор. Јасни ни се сите игри, сите играчи и сите механизми, но бидете на чисто дека со ова нема играчки. Впрочем, ќе се уверите многу брзо ако донесете погрешна одлука. Јавниот интерес на граѓаните е многу над приватниот интерес на елитите во партиите. РУДНИК НЕМА ДА ИМА!“,
порачуват оттаму.