Владата на СДС и ДУИ уште во 2006 година го потпишала договорот за концесија за отворање рудник и ископ на минерални суровини во локалитетот Иловица, велат од ВМРО-ДПМНЕ повторувајќи дека договорот е потпишан од тогашниот министер за економија Фатмир Бесими со претходна одлука на Владата на СДС и ДУИ за давање концесија од 25 април 2006 година.
„Сега, после цели 17 години, Димитар Ковачевски ги продолжува криминалите на тогашната коалиција СДС-ДУИ. Спојувањето на концесијата за ископ на бакар и злато во Иловица е спротивно на волјата на граѓаните од Струмичко. Но, Ковачевски ги исполнува барањата на неговиот шеф Али Ахмети и ДУИ бидејќи лицето кое е блиско до партијата, Назиф Дестани, сака да профитира милионски суми пари“,
се наведува во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, врв на лицимерството е што министрите на Ковачевски велат дека министерот за економија од ДУИ, Крешник Бектеши, ги излажал и затоа гласале на владина седница одлука за спојување на концесиите за отворање рудник за ископ на бакар и злато во Иловица.
„Доколку беа излажани, досега требаше во најмала рака да си поднесат оставка и да бараат оставка и одговорност од Бектеши. Бизнис-интересите на ДУИ поддржани од СДС и Ковачевски стигнаа и до источниот регион. Во СДС ништо не се променило, и тогаш и сега единствено важни им се бизнис-зделките и милионите. Му порачуваме на Ковачевски наместо да се пењави по телевизии и да дава изјави дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ја дала концесијата, прво нека се информира и нека бара одговорност од ДУИ“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачевски работи на штета на здравјето на граѓаните и против нивните интереси, додаваат од опозицијата.