Влошена е здравствената состојба на 27 годишната родилка од Куманово која е заболена со коронавирус , информираше министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција.
„Таа сè уште е респираторно самостојна, но значајно полоша е клиничката слика и радиографскиот наод на белите дробови. Интензивно се прати нејзината состојба“,
рече Филипче.
Родилката се породи во скопската клиника со царски рез, а бидејќи претходно се пожалила на висока температура и суво грло ѝ бил направен тест за ковид-19, кој се покажал позитивен. Тестот на нејзиното новороденче пак, покажа негитивни резултати.
Со влошена состојба на белодробните крила од Гинеколошкото одделение беше префрлена на Инфективната клиника, а новороденчето е на интензивната нега.
Коментирајќи го случајот и претходно Филипче посочи дека родилката се третирала како сомнителен пациент со ковид 19, уште кога била донесена на скопската клиника и била спроведена на гинекологија по посебна изолирана патека.
Каква е состојбата на останатите пациенти со ковид 19?
Родилката од Куманово е една од пациентките заразени со ковид-19 кај кои е влошена состојата.
Како што информираше Филипче, на Инфективната клиника во Скопје хоспитализирани се 67 пациенти, од нив 6 се на респиратори, а 12 се со потешка клиничка слика.
Во градската болница „8-ми септември“ во Скопје, пак, има 19 пациенти, од кои 3 се на апарати за дишење, а 9 со потешка клиничка слика. Пациентите од Охрид, пак, веќе се префрлени во Битола и ќе се лекуваат таму.
Во Штип хоспитализирани се 4 пациенти од кои 1 е со средно-тешка клиничка слика, а останатите се со лесна.