ДУИ треба да разбере едно: законот не признава партиски фотелји, привилегии и политички штитови. Правдата ќе биде еднаква за сите, велат од владејачката Влен

ДУИ се срами да го спомене по име Артан Груби, иако нивната реакција директно се однесува на случајот за кој тој е обвинет, велат од Влен.
Оттаму прашуваат зошто ДУИ молчела речиси две години, а реагира на денот кога се поднесува обвинение.
„Симптоматично е што на ДУИ ѝ е срам да го спомене по име Артан Груби, иако нивната реакција директно се однесува на случајот за кој тој е обвинет. Ова го покажува лицемерието на ДУИ и кон ‘своите луѓе’, ги користат како топовско месо за своите политики, но им е срам дури и да им го споменат името“,
велат од Влен.
Владејачката партија во соопштение вели дека правда ќе има за сите.
„Правда ќе има за сите. И за оние кои две децении ја злоупотребуваа власта и државните функции за да си ги полнат сопствените џебови. Списокот на афери и обвиненија поврзани со функционери на ДУИ е толку долг, што дури и нашиот стратешки партнер, САД, јавно зборуваше за ‘ендемска корупција’ и презеде конкретни мерки против фигури од оваа партија. Затоа, ДУИ треба да разбере едно: законот не признава партиски фотелји, привилегии и политички штитови. Правдата ќе биде еднаква за сите“,
велат од Влен.
Претходно денеска Обвинителство поднесе обвинение против поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, а според кое, тој и уште седуммина се товарат за злоупотреби од околу 8,2 милиони евра во „Државна лотарија“.
ДУИ го оцени обвинението како политичко и побара транспарентен процес и меѓународен надзор за предметот.
Судењето почнува за десетина дена, а предметот е распределен кај судијата Билјана Шуплиновска-Јовевски.
