По две години истрага, јавноста заслужува да знае врз кои конкретни докази и аргументи се заснова едно вакво обвинение, велат од ДУИ

Демократската унија за интеграција (ДУИ) го смета за политичко обвинението кое денеска е поднесено против поранешниот прв вицепремеир Артан Груби, а според кое, тој и уште седуммина се товарат за злоупотреби од околу 8,2 милиони евра во „Државна лотарија“.
Од ДУИ реагираат за долгата истрага, од која тврдат дека не произлегле докази.
„Изразуваме сериозна загриженост поради поднесувањето политичко обвинение за индивидуална одговорност која произлегува од колективна одлука. По две години истрага, јавноста заслужува да знае врз кои конкретни докази и аргументи се заснова едно вакво обвинение“,
велат од матичната партија на Артан Груби.
Од ДУИ бараат целосна и транспарентна постапка за, како што тврдат тие, јавноста да се запознае со секое тврдење, доказ и аргумент на странките.
„Ја почитуваме независноста на институциите на правдата, но истовремено бараме еднаква и неселективна правда. Колективните одлуки не можат да се претворат во инструмент за селективна одговорност и политички прогон на поединци“,
наведуваат оттаму.
Воедно, партијата бара и меѓународен надзор над овој случаj.
„Не бараме привилегија за никого, туку само еднаква примена на законот, правична постапка и правда независна од политичко влијание. Ниту еден исказ, ниту еден доказ и ниту еден факт не го прави ова обвинение основано“,
велат од ДУИ.
Во описот од Обвинителството се наведува дека првообвинетиот, генерален директор и претседател на УО на АД „Државна лотарија“, на 9 мај 2023 година до генералниот секретар на Владата доставил информација за самостојно приредување електронски игри на среќа. Во неа навел дека набавката изнесува 42 отсто од сметководствената вредност на имотот на друштвото и претставува „голема зделка“, за која одобрување треба да даде Надзорниот одбор.
Генералниот секретар на Владата (Методија Димовски, н.з.), на 6 јуни 2023 година, спротивно на Деловникот за работа, ја ставил информацијата како дополнување на дневен ред на владина седница, наместо да ја врати или препрати до надлежниот орган.
Потоа, се додава во описот од ОЈО, второобвинетиот (Артан Груби, н.з.), како одговорно лице со реално влијание во раководењето на „Државна лотарија“, претседавал со тогашната владина седница во својство на собрание на Државната лотарија и предложил точката да се усвои, иако знаел дека таквата одлука не е во надлежност на Владата.
Обвинителството бара на Груби, кој е второобвинет, да му биде продолжен куќниот притвор, што му е определен заедно со мерката на претпазливост – привремено одземање на патна исправа и забрана за издавање патна или друга исправа за преминување на државната граница.
