Реакцијата на владејачката партија следи по вчерашниот протест во Тетово против враќањето на старите имиња на улиците и плоштадите во Тетово, а по одлуката на Уставниот суд да го поништи процесот за преименување од 2007 година. ДУИ, по протестот, побара политичка одговорност од ВЛЕН и од градоначалникот на Тетово, Биљал Касами
Вториот протест на ДУИ, како што го нарекуваат од ВЛЕН вчерашниот собор во Тетово, не беше протест на граѓаните, туку манифестација на стравот на партијата на која ѝ истекува политичкото време. Така возвратија од партијата која ја контролира локалната власт во Тетово, но е дел и од владејачката коалиција на централно ниво.

„ДУИ повеќе од две децении ја држеше локалната и централната власт. Денес, наместо да се извинува за прекршените ветувања и проблемите што ги остави зад себе, излегува на улиците обидувајќи се да се претстави како жртва. Граѓаните не забораваат кој управувал со Тетово со години“,
соопштуваат од ВЛЕН.
Од владејачката партија реагираат и на обвинувањата дека го попречувале протестот.
„ДУИ повеќе не е во можност да ги мобилизира граѓаните како што правеше некогаш и бара алиби за својот политички неуспех. ДУИ мора да разбере дека Тетово не е ничија сопственост. Времето кога оваа партија веруваше дека може да зборува во име на сите Албанци е завршено. Граѓаните избраа промени и нема враќање назад. Колку повеќе ДУИ организира протести за да се спаси, толку повеќе докажува дека повеќе нема визија, кредибилитет или одговори за своите неуспеси“,
соопштија од ВЛЕН.
Коренот на проблемот, кој меѓудругото резултира со тензиите меѓу ДУИ и ВЛЕН, потекнува од 2007 година. Тогаш, градоначалник на Тетово, беше Хазби Лика од ДУИ. Советот донесе одлука седум инфраструктурни објекти да добијат имиња на личности и настани важни за Албанците, а три за Македонците. Сменети беа имиња претежно од социјалистичкото минато на земјата, како „Маршал Тито“, но и на личности со значење за Тетово, како Благоја Тоска – партизан кој загинал во борба со Балистите во Втората светска војна.
Во 2025 година Сојузот на борци од Тетово поднесе иницијатива, по која Уставнот суд донесе одлука во јуни 2026 година. Именувањето беше поништено, бидејќи, ниту Општина Тетово ниту Владата не покажале документ дека имало согласност од Владата за преименувањето како дел од процедурата.
Уставниот суд во неколку наврати потсети дека одлуката не е донесена поради конкретните имиња што се избришани или додадени, туку поради формални пропусти во процедурата.
Од ВЛЕН велат дека остануваат посветена на решавање на проблемот за имињата на улиците во Тетово на законски, институционален начин и во интерес на граѓаните.
