Сторијата „Жив и надграден: Лукративниот бизнис-клуб околу РЕК Битола“, на новинарот Владо Апостолов објавена на веб-страницата „Призма“ ја освои првата награда на годинешниот конкурс „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија за 2019 година.
Сторијата, наведува Македонскиот институт за медиуми (МИМ), открива како се злоупотребува системот на јавни набавки за внесување фирми блиски на власта во профитабилниот бизнис за ископ на јаглен за потребите на термоелектраната РЕК „Битола“.
Второнаградени на конкурсот се Мери Јордановска и Кристијан Ландов, за серијалот текстови за злоупотребите на пратеничките привилегии, објавени на порталот „А1он“. Сториите, според жирито, разоткриваат злоупотреби од страна на пратениците од внатрешноста на земјата при изнајмувањето станови во Скопје, платени од буџетот.
Катерина Спасовска-Трпковска и Бранислав Закев ја освоија третата награда за анимираната видеосторија на тема „Ѕирни во џебот на државата“, објавена на онлајн-магазинот „Балкон3“. Преку истражување на јавните набавки на 15-те институции со најголеми буџети во период од 2015 до 2018 година, како и на ревизорските извештаи, наведува МИМ, новинарите обелоденуваат многубројни неправилности, злоупотреби и неоправдани трошења на јавни пари.
Комисијата која одлучувала за наградите донела одлука и да им додели пофалници за истакнат новинарски ангажман на Зорана Гаџовска-Спасовска за сторијата „Имотот на МПЦ и ИВЗ и даночната истрага на УЈП за нив“, објавена на интернет-страницата на „Радио слободна Европа“, на Александар Манасиев за сторијата „Починати, а редовно добиваат пензија“, објавена на интернет-страницата на редакцијата на македонски јазик на „Дојче веле“ и на Маја Јовановска и Сашка Цветковска за серијалот текстови на тема „Кој му дели памет на премиерот“, објавен на интернет-страницата на „Истражувачката репортерска лабораторија“ (ИРЛ).
Наградата за најдобра истражувачка сторија МИМ годинава ја додели по 19. пат. Поради ситуацијата со коронавирусот, годинава традиционалната свеченост за доделување на наградите нема да се одржи.