Во нив се содржани условте за прилагодување на наставата во услови на ковид-криза
Владата на денешната седница ги разгледа предог-законите за изменување и дополнување на Законот за основно и средно образование, што ги предложи Министерството за образование и наука, а се однесуваат на прилагодување на наставата на новите услов предизвикани од ковид-кризата.
Од Владата вечерва соопштија дека измените сега ќе бидат доставени до Собранието.
„Предложените законски одредби обезбедуваат безбедна училишна средина за сите инволвирани во воспитно-образовниот процес во училиштата како учениците, наставниците и друг ненаставен кадар и родители, преку подготвен кадар за следното: како да се одржува хигиена и дезинфекција, да се организира движењето на учениците, да се распореди мебелот во училницата за да ја има потребната дистанца помеѓу учениците од најмалку 1,5 метар, организиран надзор од страна на наставниците, стручните соработници и административно-технички кадар, согласно препораките дадени од Министерството за здравство-Комисијата за заразни болести во врска со мерките за превенција и контрола на ковид-19“,
појаснуваат од Владата.
Владата ја разгледа и ја усвои и Информацијата за реализација на феријалната практика и практичната настава во средните стручни училишта во новата учебна година и дополнителните исклучоци во наставата од далечина за феријалната практика и учење преку работа кај работодавач и практична настава во стручното образование да се одвива со физичко присуство на учениците.
Усвоени се и Протоколите за постапување на средните училишта во кои се реализира стручно образование и обука за спроведување на практичната настава со физичко присуство на учениците; за превентивните мерки при реализација на учење преку работа, феријалната практика, практична обука и вежби на учениците; за превентивните мерки при реализација на учење преку работа, феријалната практика, практична обука и вежби на учениците кај работодавач во секторот машинство, секторот земјоделие, рибарство и ветерина, секторот хемија и технологија и секторот лични услуги со задолжување, Министерството за образование и наука да ги извести средните стручни училишта за реализацијата на феријалната практика и практичната настава.
Законските измени се во согласност со протоколите и со Планот што Владата ги усвои изминатиот период.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата и за повторно отворање на установите за згрижување и воспитание на деца -детски градинки, со препорака на сите единици на локална самоуправа да обезбедат дополнителен простор или да адаптираат соодветен простор за потребите на градинките доколку градинката има потреба за згрижување на деца согласно Протоколот. Исто така, се препорачува да обезбедат потребен соодветен кадар за временски период до траењето на епидемијата- КОВИД -19 доколку градинката има потреба за непречено функционирање.