Со ова се потврди информацијата која претпладнето ја објави „360 степени“ за разрешувањето на Петровска
Владата на денешната седница ја разреши Ана Петровска од функцијата в.д. директорка на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и на нејзино место го именува Сретен Стојковски, исто така за в.д. Одлуката е донесена без дебата на седницата со која претседавал првиот вицепремиер, Артан Груби.
Со ова се потврди информацијата што претпладнето ја објави „360 степени“ за разрешувањето на Петровска, а за што не добивме ниту потврда ниту демант од Владата, бидејќи портпаролите не одговорија ниту на телефонските повици ниту на нашите пораки.
Засега не се знае кои, официјално, се причините за разрешувањето на Петровска. Јавна тајна е оти Петровска, која за директорка дојде како кадар на ДОМ, е во конфликт со лидерката на партијата, Маја Морачанин, и дека разрешувањето може да се смета за кулминација на внатрепартиските случувања.
Петровска, во телефонски разговор, утрото не сакаше да ги коментира најавите за нејзино разрешување, а тоа не сакаше да го коментира ниту на прес-конференциата на која даваше отчет за сработеното на Државниот инспекторат за животна средина за првите шест месеци од годинава. Таа дојде на чело на ДИЖС во октомври минатата година.
Внатрепартиските превирања во ДОМ добија јавност кон средината на мај годинава кога Петровска и на Мирослав Богдановски, останаа без партиските функции.
На тогашната седница на Централниот одбор на партијата, со мнозинство гласови, им беше изгласана недоверба, со што Петровска и Богдановски ги изгубија позициите потпретседатели и членови на Извршниот одбор. Причината, како што тогаш наведоа од ДОМ, е нелегитимна иницијатива за одржување вонреден партиски конгрес.
Подоцна, Богдановски најави дека ќе дејствува како независен пратеник, а потоа поднесе и оставка.
За в.д. директор на ДИЖС е именуван Сретен Стојковски, кој е член на ДОМ.
2018 година, во истражувањата на „360 степени“, откри дека опасниот отпад линдан од „Охис“ се одлагал и во депонија над населбата Драчево, кај локалитетот Пеленица.
Во тоа време, кога ги објавивме документите, Ана Петровска беше државен секретар во Министерство за животна средина.