Морачанин останува единствена пратеничка на ДОМ во овој собраниски состав, која е дел од парламентарното мнозинство, иако во овој период имаше издвоено мислење, односно спротивен став од СДСМ и другите владејачки парти за одредени прашања, посебно во делот на урбанизмот и животната средина
Собранието денеска, во почетокот на новата 45. седница. треба да ја констатира оставката на пратеникот на ДОМ Мирослав Богдановски.
Тој ја поднел оставката до собраниската архива, а претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, која е пратеничка, вели дека за тој потег дознала од собраниските служби.
Богдановски, кој во изминатиот период имаше несогласувања со раководството на ДОМ и најави дека ќе дејствува независно во парламентот, претпладнево е недостапен за информација за причините за оставката.
Морачанин, пак, вели дека повикувањето на несогласувања со раководството на ДОМ би било само изговор, затоа што треба да се има предвид досегашниот учинок на пратеникот во собраниските активности и како тој се носел со функцијата.
Со оставката на Богдановски, Морачанин останува единствена пратеничка на ДОМ во овој собраниски состав, која е дел од парламентарното мнозинство, иако во овој период имаше издвоено мислење, односно спротивен став од СДСМ и другите владејачки парти за одредени прашања, посебно во делот на урбанизмот и животната средина.
Богдановски e пратеникот кој пред извесно време дојде со скафандер во парламентот, заедно со пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска, за да обезбеди кворум за донесување неколку закони, иако и двајцата беа позитивни на ковид-19.
Тој влезе во Собранието од листата на коалицијата на СДСМ во првата (скопска) изборна единица, а претходно работел во Инспекторатот на град Скопје. Неговото место во парламентот треба да го заземе следниот кандидат/ка, веројатно од СДСМ.