Пратеничката и лидерка на ДОМ, Маја Морачанин, во вечерашното интервју за „360 степени“ рече дека ако таа лично се прашува дали би го гласала за уште еден мандат градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, тогаш одговорот е не.
„Јас не би го гласала, но не само за него, анкетите велат дека дури над 50 отсто од граѓаните не се задоволни од работата на градоначалниците. Не велам дека директно тој [Богдановиќ] е виновен за состојбата со урбанистичките планови и верувам дека во сите тие негови изјави во кои ги кажува процесите дека тие се тешки и долги, но едноставно немам доверба. Немам доверба дека во следен мандат би се изборил за да стави ред во она за што јас се залагам, а тоа е ред во урбанистичките планови“,
вели Морачанин.
На прашањето за скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, таа смета дека во ондос на другите, тој има подобар рејтинг.
„Граѓаните веројатно препознале дека тој се труди, работи, присутен е во јавноста, но за мене е позагрижувачки податокот дека околу 60 отсто од граѓаните не знаат ниту еден од советниците во своите општини“,
додава Морачанин.