Утврден е договорот за набавка на вакцини против ковид-19 кој ќе се склучи меѓу С Македонија и Глобалниот сојуз – ГАВИ.
Набавката на вакцините ќе се одвива преку КОВАКС механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини за ковид-19, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација.
Како што соопшти владината прес-служба на денешната седница е договорено Бирото за јавни набавки да предложи најсоодветен начин за остварување на оваа набавка и го овласти министерот за здравство, Венко Филипче, да го потпише договорот.
Тој во координација со Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата треба да ги обезбедат потребните финансиски средства за да се изврши уплата на аванс и да се обезбеди финансиска гаранција согласно потпишаниот Договор за преземени обврски со Глобалниот сојуз за вакцини -ГАВИ.