Ангелов се најде под жестоки критики на јавноста за реакцијата на институцијата со која раководи за пожарот кај Кочани на 2 август и за несервисираните канадери кои не се употребливи
За понесување на одговорност, тој порача прво да се изгаснат пожарите, бидејќи целата република гори, а доколку се утврди негова одговорност, тогаш ќе поднесе оставка и како што вели ќе замине од државата, ако не ќе бара извинување од новинарите
За в.д. директор на ЦУК Ангелов е именуван во ноември 2020 година и само 4 месеци подоцна, јавноста го повика на одговорност за смртта на Златко Божинов, овчар од кратовското село Емирица, кој почина во болницата во Штип, откако 12 часа лежел на снег во близина на домот, пет часа бил носен на раце низ тешко прооден планински терен за да се спаси неговиот живот, а ЦУК не испратил помош
Стојанче Ангелов на денешната владина седница, е именуван за директор на Центарот за управување со кризи. Тој досега беше в.д директор како и најголемиот број директори на институциите.
Пред пет дена Ангелов на Твитер каде е прилично активен, го објави Јавниот оглас што го распиша Владата за избор на директор на институцијата со која тој раководи како вршител на должност.
Кој смета дека е подобар нека се јави. Во спротивно нека молчи засекогаш. Добро, не баш засекогаш, барем во наредните 4 години.https://t.co/rbCJCKGJ7d
— Stojanche Angelov (@StojanceAngelov) July 29, 2021
„Кој смета дека е подобар нека се јави. Во спротивно нека молчи засекогаш. Добро, не баш засекогаш, барем во наредните 4 години“,
напиша Ангелов саркстично.
Во меѓувреме, во негов стил постојано твиташе за ситацијата со пожарите во земјава, истакнувајќи ја како позитивна неговата работа.
Но, само неколку дена по твитот, Ангелов се најде под жестоки критики на јавноста за реакцијата на институцијата со која раководи за пожарот кај Кочани и за несервисираните канадери кои не се употребливи.
На прес-конференцијата вчера, Ангелов, одговарајќи на прашањето за понесување на одговорност, тој порача прво да се изгаснат пожарите, бидејќи целата република гори, а доколку се утврди негова одговорност, тогаш ќе поднесе оставка и како што вели ќе замине од државата, ако не ќе бара извинување од новинарите.
„Ако се утврди дека сум потфрлил за пожарите, ќе си заминам од државава. Ако се утврди спротивното, ќе побарам извинување од сите новинари кои ме нападнаа и мојата мајка мораше да ги слуша сите тие работи. Земете истражете, не пишувајте шпекулации“, рече тој и додаде дека штетата предизвикана од пожарите е материјална и таа ќе биде надоместена, најважно е што нема ниту повредени, ниту жртви.
рече тој и додаде дека штетата предизвикана од пожарите е материјална и таа ќе биде надоместена, најважно е што нема ниту повредени, ниту жртви.
Од опозицијата најавија дека ќе поднесат кривични пријави за ненавремено спречување на пожарот кај Кочани, а покрај името на премиерот Зоран Заев го споменаа и директорот на Ангелов.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, кој денеска ј водеше владината седница, пред почетокот изјави дека не е разговарано за разрешување на првите луѓе на ЦУК, затоа што сметаат дека со сите околности околу пожарите се соочиле одговорно. Сепак, како што рече, Владата ќе одржи седница, на која ќе се дебатира и за ова прашање.
„Сметаме дека со сите околности се соочивме доста одговорно и за среќа немаме ниту една жртва за разлика од земјите во регионот. Секако дека секогаш може многу подобро. Не сме зборувале за разрешување, но не сакам да прејудицирам, затоа што имаме сега седница на Влада и секако дека ќе се дебатира во однос на ова прашање“,
рече Груби на денешната прес-конференција по повод промоција на поштенска марка за 20 години од Охридскиот договор, во одговор на новинарско прашање.
Владата го именуваше Ангелов за в.д. директор на ЦУК во ноември 2020 година, на местото на Агрон Буџаку кој поднесе оставка. Тој претходно од јули 2018 година работеше како национален координатор за припадниците на безбедносните сили и паралелно во воздухопловната агенција М-НАВ.
Случајот со кратовецот кој почина од премрзнување
Ова не е првпат да се бара одговорност и оставка од Ангелов. Во април годинава јавноста беше шокирана од смртта на Златко Божинов, овчар од кратовското село Емирица, кој почина во болницата во Штип, откако 12 часа лежел на снег во близина на домот, пет часа бил носен на раце низ тешко прооден планински терен за да се спаси неговиот живот.
Ангелов тогаш призна дека целиот систем за управување со кризи има слабости, пренатрупани проблеми и системска слабост, кои ќе бидат надминати во наредниот период, но не е утврдена индивидуална одговорност во случајот – никој не побарал хеликоптер ниту, пак, се јавил во подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување за да се спаси премрзнатиот овчар од кратовското село Емирица, како што констатирала Комисијата за овој случај.
Тој тогаш најави дека дисциплинска комисија ќе ја утврдува одговорноста врз основа на извештајот, а за себе рече дека нема да поднесе оставка, бидејќи тоа би било деезертирање.
Сепак, тој рече дека ако Владата побара одговорност од него, тој ќе ја прифати. Но, тоа никој не го побара од него.