Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан има цел унапредување на соработката и олеснување на условите за патувањето, како и унапредување на односите помеѓу земјите од Западен Балкан, преку поедноставување на административните постапки во поглед на влез, транзит и краткорочен престој

Владата на денешната седница даде зелено светло на текстот на предлог-законот за ратификација на Договорот за слобода на движење со лични карти низ Западен Балкан.
Освен овој Договор, Владата ги усвои и договорите за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан и за признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите, во контекст на Централноевропскиот договор за слободна трговија.
Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан е склучен во Берлин на 3 ноември 2022 година меѓу шесте земји во регионот, и тоа: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, а е иницијатива на С Македонија од зедничкото копретседавање со Бугарија со Берлинскиот процес, со намера да се преслика моделот на билатерални договори за слободно патување со лични карти.
„Договорот, според образложеното од предлагачот, има за цел натамошно унапредување на соработката и олеснување на условите за патувањето, вклучително и унапредување на односите помеѓу земјите од Западен Балкан, преку поедноставување на административните постапки во поглед на влез, транзит и краткорочен престој на лицата носители на лични карти, издадени од наведените земји“,
информираат од владината прес-служба.
Со Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан, се посочува во соопштението од владината прес-служба, се уредува признавањето на високообразовните квалификации, продолжувањето на студиите и пристапот до нерегулираниот пазар на труд во секоја од шесте земји од Западен Балкан и е во насока на постигнување успешна и целосна имплементација на одредбите за внатрешен пазар на ЕУ, во рамки на земјите.
Владата го утврди и текстот на предлогот на закон за ратификација на Договорот за признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите, во контекст на Централноевропскиот договор за слободна трговија.
„Договорот предвидува заедничка постапка за признавање на професионални квалификации, постапката за регресно признавање квалификации, ги предвидува јавните исправи коишто се потребни за признавање на професионалните квалификации, за употреба на професионални звања на квалификации, како и употреба на академски звања“,
информираат од Владата.
На предлог на Министерството за одбрана, Владата на денешната седница донела одлуки за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на повеќе вежби, во: Сојузна Република Германија, Република Грција, Република Бугарија, Република Турција, Република Полска, Република Словенија.