Градските власти, пред пет дена најавија дека системот за Брз автобуски превоз има добиено зелено светло од меѓународните партнери, со што започнува неговата реализација во главниот град. Проектот подразбира изградба на два нови терминали и на транспортни центри, обезбедување непречено сообраќање на автобусите, како и набавка на нови еколошки автобуси кои користат ЦНГ

Проектот „Воведување брз автобуски превоз во град Скопје“ доби поддршка од Владата за да продолжи да се реализира. Владата на денешната седница ја разгледала и усвоила информацијата за продолжување на постапката за реализација на „автобуското метро“, информираат од владината прес-служба.
Проектниот договор за реализација на „Воведување брз автобуски превоз во град Скопје“ беше склучен на 21 април 2021 година меѓу Град Скопје и ЕБОР, а од Министерството за транспорт и врски велат дека во септември годинава им било соопштено до Град Скопје дека се планира продолжување на проектот.
„Според Проектниот договор, предлог-договорот за имплементација треба да го склучат Министерството за финансии, Министерството за транспорт и врски и Град Скопје“,
се вели во информацијата од владината прес-служба.
Градските власти, пред пет дена најавија дека системот за Брз автобуски превоз има добиено зелено светло од меѓународните партнери, со што започнува неговата реализација во главниот град. Од Град Скопје рекоа дека, по две години отстранување на пречките на проектот, предизвикани од претходното градско раководство, градот конечно ќе добие нов транспортен систем.
Оттаму посочија дека проектот подразбира изградба на два нови терминали и на транспортни центри, обезбедување непречено сообраќање на автобусите, како и набавка на нови еколошки автобуси кои користат ЦНГ.
„Новите еколошки автобуси и ревидираниот систем значително ќе го намалат сообраќајниот хаос во главниот град и ќе овозможат јавниот превоз да се одвива непречено, а доцнењето да биде минато“,
рекоа од Град Скопје.
Најава за реализација на проектот „Бас рапид транзит“ (БРТ), градоначалничката Данела Арсовска даде и пред една година во гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Таа рече дека преговорите за проектот се во финална фаза, а оти решение очекува за две недели. Таа тогаш порача дека она што е добро за граѓаните, а е отопочнато од претходниот градоначалник, ќе биде реализирано, но не може да продолжи одредени проекти што одат на штета на граѓаните.
Арсовска тогаш најави дека ќе има реформиран автобуски превоз кој ќе биде најдоброто решение за жителите на Скопје.
На 21 април 2021 година, тогашниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов најави дека со заем од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, почнува постапката за воведување „Бас рапид транзит“ кој најдоцна до 2024-2025 година новиот брз автобуски превоз би се пуштил во употреба.
Проектот опфаќаше воспоставување две линии, со коридори од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода. Трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе биде во должина од 12,8 километри во една насока, ќе има 21 станица, два терминала во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче, каде што ќе биде изграден новиот терминал.
Според првичните проценки, градските власти велеа дека вкупниот број на патници што ќе ја користат оваа траса е околу 65 илјади луѓе дневно, а времетраењето на патувањето би се намалило за повеќе од 50 проценти.
Тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје негодуваа по потпишувањето на договорот за заем од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за изградба на „Бас рапид транзит“ (БРТ) во Скопје или популарно наречениот брз трамвај на тркала и сметаа дека тоа не е решение за големиот сообраќаен метеж во главниот град.
Неколку месеци подоцна, на 16 декември истата година, беше објавено дека е стопиран тендерот за изградба на автобуското метро или „Бас рапид транзит“ (БРТ), а од кабинетот на градоначалничката Арсовска рекоа дека постапката е прекината и поради тоа не се пристигнати понуди.
Потегот на Арсовска, да го прекине проектот „Бас рапид транзит“ (БРТ), кој се спроведуваше со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), од СДСМ тогаш рекоа дека е скандалозен и освен што е против интересите на скопјани, е на директна штета и на Градот и на државата пред меѓународните финансиски институции како што е Европската банка.
Арсовска, во телевизиско интервју набрзо откако стана градоначалник, рече дека останува на нејзиниот став дека БРТ системот не е добро решение за Скопје, а наведе и неколку критични точки поради кои смета дека ризиците се поголеми од евентуалниот бенефит.