Претходно во кампањата за локалните избори, како решение за градскиот превоз таа најавуваше ревидирање на возниот ред на ЈСП и купување на 250 нови еко-автобуси
Стопиран е тендерот за изградба на автобуското метро или Бас рапид транзит (БРТ) кој беше објавен на страната на Европската банка за обнова и развој, пренесува СДК.мк.
Од кабинетот на градоначалничката Арсовска изјавите дека постапката е прекината и поради тоа не се пристигнати понуди.
„БРТ е релативно непознат концепт за граѓаните на Скопје. Според анализите кои биле изготвени минатата година за потребите на Град Скопје се укажува на бројни недостатоци и ризици од проектот кои ќе имаат влијание врз животната средина, што во никој случај не смее да се дозволи. Како што знаете во моментов се водат преговори со ЕБРД и по нивното завршување граѓаните ќе бидат информирани за договореното“,
изјавиле од Град Скопје за СДК.мк.
Функцијата градоначалничка на Скопје Аросвкса ја презема на почетокот на ноември и во единството телевизиско гостување оттогаш, рече дека распишувањето на референдум е една од опциите за граѓаните да излезат и да одлучат дали се за или против БРТ системот.
Во интервјуто кое го даде за Канал 5 ТВ, таа рече дека останува на нејзиниот став дека БРТ системот не е добро решение за Скопје, а наведе и неколку критични точки поради кои смета дека ризиците се поголеми од евентуалниот бенефит. Првата, како што рече, е што доколку се воведе овој систем на градски превоз ќе биде потребен нов мост на местото кај постоечкиот „Обединети нации“ во Влае, што пак би биле дополнителни трошоци од шест милиони евра. Друга критична точка, според неа е што тврди дека ќе се отстрани целото зеленило по средината на „Партизанска“, а како трета ја посочи главната водоводна инсталација која поминува под средишното зеленило на овој булевар.
Претходно во кампањата за локалните избори, како решение за градскиот превоз таа најавуваше ревидирање на возниот ред на ЈСП и купување на 250 нови еко-автобуси.
За „автобуското метро“ во Собранието беше донесен и закон за задолжување од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која позитивно го оцени и одобри овој проект. Во Буџетот за 2022 година предвидени се и пари за БРТ поради што неодамна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, ја повика Арсовска да ја преиспита најавата за откажување на проектот.