БРТ системот или популарно наречен „автобуското метро“ беше еден од клучните проекти кои ги најавуваше и започна да ги спроведува претходната градска администрација на чело со Петре Шилегов
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ најави можно распишување на референдум за тоа дали скопјани поддржуваат воведување на „Бас рапит транзит“ (БРТ) системот во јавниот превоз на главниот град или не.
„Референдумот е една од опциите за граѓаните да излезат и да одлучат. Не само за ова, ќе почнеме да го практикуваме и за други работи“,
рече Арсовка на Канал 5 ТВ.
Таа рече дека останува на нејзиниот став дека БРТ системот не е добро решение за Скопје, а наведе и неколку критични точки поради кои смета дека ризиците се поголеми од евентуалниот бенефит. Првата, како што рече, е што доколку се воведе овој систем на градски превоз ќе биде потребен нов мост на местото кај постоечкиот „Обединети нации“ во Влае, што пак би биле дополнителни трошоци од шест милиони евра. Друга критична точка, според неа е што тврди дека ќе се отстрани целото зеленило по средината на „Партизанска“, а како трета ја посочи главната водоводна инсталација која поминува под средишното зеленило на овој булевар.
БРТ системот или популарно наречен „автобуското метро“ беше еден од клучните проекти кои ги најавуваше и започна да ги спроведува претходната градска администрација на чело со Петре Шилегов.
За разлика од него, пак, Арсовска во кампањата за локалните избори најавуваше дека проблемите во градскиот сообраќај ќе ги решава со повеќе еко-автобуси и воведување нови линии. Едно од нејзините предизборни ветувања беше купување на 250 нови еко-автобуси.
За „автобуското метро“ во Собранието беше донесен и закон за задолжување од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која позитивно го оцени и одобри овој проект. Во Буџетот за 2022 година предвидени се и пари за БРТ поради што неодамна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, ја повика Арсовска да ја преиспита најавата за откажување на проектот.
„Не станува збор за набавка на нови автобуси туку за изградба на цела инфраструктура односно на цел нов систем на транспортна мрежа која нуди брз и ефикасен транспорт на градот. Најголем удел во вкупниот број возила што сообраќаат низ градот се патнички возила и тоа е некаде преку 80 проценти. Затоа, сметаме дека овој нов концепт на транспорт ќе има влијание врз намалување на употребата на возила, како и врз намалување на загадувањето во Скопје. Повикуваме Градот Скопје да ја преиспита одлуката, бидејќи секое отстапување од ваков систем на транспорт нема да донесе поефикасен транспорт во градот“,
повика министерот на прес-конференција минатиот месец.
Во однос на планот на Арсовска за набавка на нови автобуси, тој рече дека лесно е да се набават, но кога тие ќе се стават во функција, ќе направат и дополнителен притисок.
„Сметаме дека Скопје го има надживеано целиот овој процес на традиционален транспорт и е потребен алтернативен транспорт за кој веќе се обезбедени средства и за кој е распишана постапка за проектирање и градба“,
рече Бочварски.