Владата на својата прва седница одржана денеска даде насоки за уривање на дивоградбата кај „Мавровка“, информираше премиерот Зоран Заев на својот профил на Фејсбук.
„Владата донесе одлука да му препорача на Управниот одбор на Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да донесе одлука за ангажирање на потребната механизација, средства за работа и вработени, за уривање и демонтирање на бесправно изграден градежен објект што се наоѓа пред ТЦ ‘Мавровка’, без надоместок кон Општина Чаир, односно од сопствени средства“,
напиша Заев.
Како што посочува премиерот, во рамките на оваа одлука, Владата им препорачува на Општина Чаир и на Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да ги регулираат меѓусебните права и обврски да склучат договор за отстранување на бесправно изграден градежен објект, делови од објекти и бесправно поставени објекти.
По исполнување на обврските од договорот, Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, во рок од 7 дена, се задолжени да подготват и до Владата да достават соодветна Информација за извршување на обврските од одлуката.
За градителот на дивоградбата, МВР денеска поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство.
Пријавата е поднесена против М.А. (34) поради сомнение за сторено кривично дело кое што се гони по службена должност по чл. 244-а бесправно градење од Кривичниот закон.
Случајот со дивоградбата кај „Мавровка“ со месеци предизвикува внимание во јавноста, особено по изјавите од надлежните институции дека не можат да го откријат инвеститорот на објектот што почна да се гради веднаш по пожарот во кој изгоре кафулето „Фонтана“, а потоа и тендерите за уривање на дивоградбата што ги распиша Општина Чаир на кои никој не се пријави.