Помеѓу интересите на вработените во оваа индустрија, кои потенцијално би можеле да ја изгубат работата, и интересите на нашите деца и граѓани, додаде претседателот, потребно е да се најде баланс, а тој, како што кажа, нема да биде најден ако законските измени бидат протрчани низ парламентарната процедура
На 7 на февруари годинава Владата ги утврди законските измени за Законот за игри на среќа, кои предвидуваат објектите во кои се приредуваат овие игри, односно казината и обложувачниците да бидат оддалечени од училиштата во радиус не помал од 500 метри. Само дваесетина дена подоцна амбасадорот на Австрија во земјава, Георг Вуцас, испрати одвоени писма до премиерот Димитар Ковачевски и до претседателот и членовите на собраниската Комисија за европски прашања со кои ги повика да не се усвојуваат предлог-измените на Законот за игри на среќа
Владата да не ги турка законските измени за игри на среќа со европско знаменце, туку да оди во регуларна процедура, порача претседателот на државата Стево Пендаровски од заедничката прес-конференција со својот австриски колега Александер ван дер Белен, одговарајќи на новинарско прашање дали двајцата претседатели размениле мислења на оваа тема на денешната средба.
Наместо носење на избрзани одлуки, Пендаровски порача дека по однос на ова прашање е неопходна дебата на која ќе бидат соочени ставовите на сите страни кои се засегнати од предложените законски измени, а кои предвидуваат дислокација на казината и обложувачниците да биде на минимум 500 метри од училиштата.
„Би апелирал, доколку Владата има таква намера, тој предлог-закон да не го турка во процедура со европско знаменце. Значи, да оди во регуларна процедура, за да може да ги соочиме сите ставови и да видиме кои навистина се европски стандарди и што пред сè е наш национален интерес и интерес на нашите граѓани“,
рече претседателот.
Помеѓу интересите на вработените во оваа индустрија, кои потенцијално би можеле да ја изгубат работата, и интересите на нашите деца и граѓани, додаде Пендаровски, потребно е да се најде баланс, а тој, како што кажа, нема да биде најден ако законските измени бидат протрчани низ парламентарната процедура.
„Впрочем, знаете дека во последните неколку извештаи на Европската комисија за прогресот на Македонија во однос на евроинтеграциите често сме критикувани за закони на кои ќе им закачите европско знаменце за да поминат побрзо во парламентот. Ова е дебата која не треба да се избегнува и која не треба да трае три дена“,
заклучи Пендаровски.
На денешната прес-конференција новинар упати прашање до австрискиот претседател Александер ван дер Белен како го коментира неодамна испратеното писмо до Владата и до членовите на собраниската Комисија за европски прашања во кое австрискиот амбасадор во земјава Георг Вуцас повикува законодавниот дом да не ги гласа предлог-измените на Законот за игри на среќа што Владата ги утврди на 7 февруари.
Одговорот на претседателот на Австрија беше краток.
„Сметам дека е легитимно да се размислува за заштитни мерки за граѓаните бидејќи станува збор за мошне чувствителен домен, но за ова денеска не разговаравме со претседателот Пендаровски. Сепак, верувам дека мора да бидат испочитувани стандардите на Европската Унија и сум релативно сигурен дека Собранието во Северна Македонија ќе најде добар пат да го регулира ова“,
рече австрискиот претседател Ван дер Белен на денешната прес-конференција со својот македонски колега.
На 7 на февруари годинава, Владата ги утврди законските измени за Законот за игри на среќа, кои предвидуваат објектите во кои се приредуваат овие игри, односно казината и обложувачниците, да бидат оддалечени од училиштата во радиус не помал од 500 метри.
Само дваесетина дена подоцна, амбасадорот на Австрија во земјава, Георг Вуцас, испрати одвоени писма до премиерот Димитар Ковачевски и до претседателот и членовите на собраниската Комисија за европски прашања со кои ги повика да не се усвојуваат предлог-измените на Законот за игри на среќа.
Во писмото испратено до пратениците од Комисијата за европски прашања, Вуцас бара од нив, доколку на дневен ред биде ставен предлог-законот, да не го разгледуваат поради ненадлежност и да не дадат согласност поради неуставност. Укажува дека владеењето на правото ги опфаќа сите институции и процеси и дека исклучително е важна одговорноста што ја има законодавниот дом. Амбасадорот укажува и на тоа дека Владата врши злоупотреба на ЕУ-знамецето зашто овој закон не е предмет на хармонизација со правото на Унијата.
Во писмото испратено до премиерот Димитар Ковачевски се сугерира дека ако Владата веќе се реши да предложи измени тогаш тие да не важат за компаниите што се на тој пазар и се со странски капитал. Амбасадорот Вуцас отворено кажува и зошто го бара сето ова.
„…Исто како Австрија, Северна Македонија се одлучи за воведување на коцкањето и врз основа на тоа привлече странски инвеститори, вклучително и австриски. Овие компании, ‘Casinos Austria International’, како и ‘Novomatik’, ме уверуваат дека ги применуваат највисоките стандарди за заштита на играчите, како што се стандардите во Австрија и во Европската Унија. Ако Владата има други забелешки, ве молам известете ме“,
се наведува во писмото на Вуцас испратено до Ковачевски.
Тој посочува дека предлог-измените на Законот за игри на среќа се проблематични за споменатите австриски компании од повеќе аспекти и дека своите грижи претходно им ги изразил на одговорните министри – министерот за финансии Фатмир Бесими и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.