Отсега, секое прекршување на одредбите од решенијата за изолација ќе биде санкционирано со државен карантин, согласно со заклучокот од денешната онлајн седница на Владата
Наместо полициски час, како што се најавуваше во текот на вчерашниот ден, Владата денеска донесе заклучок според кој треба да се засилат полициските контроли во оштините кои се жариште на епидемијата со ковид – 19.
Покрај речиси целиот Скопски регион, со најавените засилени контроли би требало да бидат опфатени и Куманово, Тетово и Штип и општини што гравитираат околу овие градови.
„Владата, на денешната 63. седница ,во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирусот, заклучи да се воведат засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја на градот Скопје и општините во градот Скопје. Потоа и во околните скопски општини Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково, како и во општините Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и тетовските општини Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, каде што е регистриран поголем број на новозаразени граѓани“,
се наведува во соопштението од денешната владина седница.
Согласно овој заклучок, како што се наведува, предлогот за воведување рестриктивни мерки ќе биде повторно разгледан во Комисијата за заразни болести.
Во оваа насока, Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Инспекцискиот совет и Финансиската полиција да изготват посебни акциски планови за контрола и за спречување на отстапувањето на мерките за заштита, како и санкционирање на секое непридржување до донесените мерки.
Во врска со оваа точка, Владата како што се соопштува, заклучи во секое решение за изолација што ќе го донесе Државниот здравствен и санитарен инспекторат да стои дека е задолжително инсталирање на апликацијата „СтопКорона“, заради поголема прегледност и контрола, како и со цел со цел превенција на ширењето на коронавирусот. Секое прекршување на одредбите од решението за изолација ќе биде санкционирано со државен карантин.