Потребата од воведување на ваквиот систем ја потврдуваат и податоците за бројот на патници на граничните премини со Албанија. Во текот на 2025 година биле регистрирани вкупно 4 581 724 патници, од кои 2 318 080 поминале преку граничниот премин „Ќафасан“
Владата денеска ја одобри имплементацијата на системот за заеднички гранични проверки „Уан Стоп Шоп“ со Република Албанија, со што се заокружува процесот на воспоставување ваков модел на гранична контрола со трите соседни земји кои не се дел од Шенген-зоната.

Како што информираше владината портпаролка Венера Љатифи Азизи, системот веќе функционира на граничните премини со Србија и Косово, а за негово целосно ставање во функција со Албанија останува да биде потпишан договор меѓу министерствата за внатрешни работи на двете земји.
Според Љатифи Азизи, имплементацијата најпрво ќе започне на граничниот премин „Ќафасан“, по што системот постепено ќе биде проширен и на останатите гранични премини меѓу двете држави.
„Ова ќе овозможи поедноставно, побрзо и побезбедно преминување на државната граница, особено во летниот период кога значително се зголемува фреквенцијата на патници и кога во минатото граѓаните често укажуваа на долгите чекања на граничните премини“,
рече таа.
Потребата од воведување на ваквиот систем, посочи дека ја потврдуваат и податоците за бројот на патници на граничните премини со Албанија.
Во текот на 2025 година биле регистрирани вкупно 4 581 724 патници, од кои 2 318 080 поминале преку граничниот премин „Ќафасан“.
Според Владата, воведувањето на „Уан Стоп Шоп“ ќе овозможи побрз и поефикасен проток на патници, ќе го намали времето на чекање на границите и ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји.
Имплементацијата за заедничка гранична проверка со Албанија уште на почетокот на годината ја најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по средбата со албанската колешка Албана Кочиу, која беше во официјална посета на земјава.
Тогаш Тошковски и Кочиу договорија тимови од двете држави да работат на документацијата и на сите придружни активности потребни за пуштање во употреба на овој систем.
