Вишото обвинителство дало мислење да се одбие жалбата на Сашо Мијалков, која тој ја вложил откако Основниот кривичен суд во Скопје ја одби гаранцијата од 10,8 милиони евра, објави „Фокус“.
Според информациите ставот да се одбие мислењето го дал обвинителот Бурим Рустеми, кој неодамна беше избран за виш обвинител. Сега на потег е Апелацискиот суд во Скопје кој треба да одлучи дали ќе ја прифати жалбата на одбраната на Мијалков и ќе го пушти да се брани од слобода или ќе реши ексдиректорот на УБК да остане во притвор.
Мијалков издржува мерка притвор во предметот „Трезор“, каде е неправосилно осуден на 8 години затвор.
За разлика од Рустеми, обвинителот Артан Ајро на гаранцијата од 10,8 милиони евра, претходно даде позитивно мислење и се согласи Мијалков да излезе од притвор, но тогаш Кривичен одлучи дека и со оваа гаранција постои опасност од бегство и донесе одлука да остане во притвор.
Во објаснувањето од првостепениот суд зошто не е прифатена гаранцијата беше наведено дека против ексдиректорот на УБК има уште една неправосилна пресуда за „Таргет-Тврдина“ од 12 години затвор, а се водат и други предмети. Исто така, од Кривичен тогаш потенцираа и дека во февруари кога се побара притвор, Мијаков повеќе од 24 часа беше недостапен за органите на прогонот.