Во болницата во Козле досега се тестирани повеќе од 50 дечиња на ковид-19, а четири од нив биле позитивни на вирусот. Од нив најмалите се на четиримесечна возраст и едно е 15-годишно дете.
Овие податоци ги соопшти директорот на Институтот за белодробни заболувања во Козле, д-р Ангелчо Андоновски во видеоразговорот со претседателот на државата Стево Пендаровски.
Во моментов, како што рече д-р Андоновски, во болницата во Козле се хоспитализирани три деца коишто се сомнителни на вирусот, меѓу кои е и бебе родено пред 16 дена.
Според д-р Андоновски, децата што заболуваат од вирусот имаат лесни симптоми и поминуваа без никакви компликации. Ова, како што истакна тој, во најголема мера е резултат на физичката дистанцираност, односно децата седат дома со своите родители и не посетуваат градинка или училиште.
Во разговорот д-р Андоновски го информираше претседателот Пендаровски за начинот на функционирање на болницата, којашто од самиот почеток на пандемијата на вирусот ковид-19, е здравствената установа каде се лекуваат децата коишто се сомнителни или пак боледуваат од вирусот, како и деца со висока температура и белодробни проблеми. Покрај редовните пациенти, во рамки на болницата функционира посебно ковид-одделение и Институтот претставува ковид-2 центар.
Институтот за белодробни болести во Козле, според директорот Андоновски, и сега во овие вонредни околности, функционира без проблеми и има доволно медицински и немедицински кадар. Меѓу вработените досега нема лица заболени од вирусот ковид-19.
Претседателот Пендаровски во денешниот разговор му искажа поддршка за ангажманот на д-р Андоновски како директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, но и на сите вработени во оваа здравствена установа.
„Најпрво ви посакувам да останете живи и здрави сите вие персоналот во Институтот. Да помагате. Огромна благодарност во име на сите граѓани затоа што им помагате на нашите најмили и најмали. И посакувам во иднина да немате многу работа по овој основ. Имате полна поддршка Вие и целиот персонал во болницата. Навистина ви честитам за извонредните напори во изминатите два месеца“,
рече Пендаровски.